Прилепските стопанственици на средба со амбасадори и економски претставници на Министерството за надворешни работи

Денеска во големата сала на Општина Прилеп се одржа работна средба на градоначалникот Илија Јованоски, со претставници на Министерството за надворешни работи и со компании членки на Регионалната стопанска комора со седиште во Прилеп.

На средбата присуствуваа амбасадорот Игор Попов, директор за економска и јавна дипломатија, потоа Сузана Тунева, економски советник за Република Турција со седиште во Анкара, Бекри Ајдини, економски советник за ОАЕ и земјите од заливот (Кувајт, Саудиска Арабија и Оман) со седиште во Абу Даби, како и економските советници за Полска и земјите од Вишеградската група (Словачка, Чешка и Унгарија) со седиште во Варшава и за СР Германија и Австрија, со седиште во Минхен, Илија Псалтиров и Абдилџемил Саити.

Целта на денешната средба беше запознавање со бизнис потенцијалите на локалното стопанство, како и приближување и унапредување на соработката помеѓу МНР, локалната самоуправа и бизнис секторот. Како што изјави амбасадорот Попов, добиените информации од работната средба ќе бидат составен дел од работната агенда на економските советници на МНР.

Во своето обраќање, градоначалникот Илија Јованоски потенцираше дека во општина Прилеп постојат голем број стопански субјекти кои се извозно ориентирани и кои се заинтересирани за освојување нови странски пазари.

„Имаме доста стопански субјекти од прехранбената и тутунската индустрија, мермерот, текстилот, кои со своите производи можат да се претстават во многу држави. Со оваа средба меѓу прилепските стопански субјекти и претставниците од економскиот дел на МНР, со координација на Општина Прилеп, сигурен сум дека ја постигнавме целта и дека во иднина ќе забележиме поголеми успеси во економијата“, истакна градоначалникот Јованоски.

„Она што за почеток се договоривме, е да ги размениме информациите меѓу нас стопанствениците со секој од претставниците на Министерството за надворешни работи. Дополнително стана збор за наша промоција на Експото, каде нашата држава има закупено 400 м2 простор на кој ќе можат да се презентираат производите на домашните извозно ориентирани компании, кои се заинтересирани за промоција на своите производи“, изјави Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора со седиште во Прилеп.

Претставниците на Министерството за надворешни работи, заедно со градоначалникот Илија Јованоски, остварија посета на прехранбената индустрија „Витаминка“ и на компанијата „Комфи Ангел“.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …