Прилепското вештачко езеро има доволно вода за наводнување на земјоделските површини

„Вештачкото езеро, заедно со хидромелиоративниот систем, кое е изградено пред повеќе од 50 години, претставува капитален објект за нашиот град, за земјоделците и тутунопроизводителите, кои години наназад ја користат водата од езерото за наводнување на Прилепското поле“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, за време на денешната заедничка обиколка на вештачкото езеро, со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димкоски.

„И не само тоа, туку во овој момент Општина Прилеп го реализира проектот со рекреативни содржини за граѓаните, ‘Прилепско езеро – нови авантури, нови можности’, кој ќе биде завршен до крајот на годината. Прилепското вештачко езеро беше и повторно ќе биде симбол за нашиот град и гордост за прилепчани. Убеден сум дека и во иднина ќе остане тоа“, истакна градоначалникот Јованоски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димкоски, потенцираше дека прилепското вештачко езеро има доволно количина на вода за наводнување на земјоделските површини во текот на летните месеци.

„Сакаме да го означиме почетокот на бербата на тутун и да покажеме дека има доволно вода за земјоделците. Нашиот фокус е насочен кон самите производители, се’ со цел за едно квалитетно и конкурентно производство. Знаеме дека токму во овие наши краеви, каде покрај поволната клима и плодната почва, водата е најнеопходна. Затоа уште еднаш кажуваме дека вода од прилепското езеро има доволно, онолку колку што е потребно за наводнување на земјоделските култури“, рече министерот Димкоски.

Раководителот на АД „Водостопанство“, подружница „Прилепско поле“, Ѕвонко Талески, рече дека се завршени сите активности околу припрема на системот за наводнување за оваа година. Во тек е и склучувањето на договори за наводнување за тековната сезона и до овој момент склучени се над 1.400 договори со земјоделци, со кои се опфатени околу 415 хектари обработливо земјиште.

„Моментално во акумулацијата има 3.5 милиони м3 вода, што претставува околу 60 отсто од расположливиот капацитет. Тоа укажува на успешна сезона за наводнување за тековната 2020 година. Наводнувањето е во тек и досега се потрошени околу 1 милион м3 вода. Сакам да потенцирам дека во последниот квартал од минатата година, комплетно се заврши проектот за реконструкција на темелен испуст на брана, што е од круцијално значење за градот и од безбедносен аспект“, напомена Талески.

Во текот на денешната посета на општина Прилеп, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димкоски, оствари средба со земјоделци во населеното мести Тополчани, а го посети и „Мак млин“, млинско-преработувачки капацитет за откуп на жито и производство на брашно.

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …