Примирјето во Либан стапи во сила

Примирјето во Либан стапи во сила

По стапувањето во сила на прекинот на огнот меѓу завојуваните соседни земји Либан и Израел, ситуацијата останува тензична. Утринава, либанската армија го обвини Израел за кршење на договорот. Проиранскиот Хезболах, според сопствените изјави, изврши одмазднички напад врз израелските војници. На меѓународно ниво, прекинот на огнот беше поздравен. Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Хезболах да се придржува до прекинот на огнот. Истрели на радост можеа да се слушнат во јужните предградија на либанскиот главен град Бејрут.

Десетдневното примирје започна на полноќ по локално време (23:00 часот по средноевропско време). Меѓутоа, либанската армија денeска во раните часови објави на онлајн платформата X дека се забележани „повеќе израелски агресии“. Проиранската милиција Хезболах соопшти дека како мерка на одмазда бомбардирала „собир на израелски војници во близина на градот Хиам“ во јужен Либан.
Во четвртокот, Трамп на својата онлајн платформа Трут соушал изјави дека имал „одлични разговори“ со либанскиот претседател Џозеф Аун и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Двајцата, како што рече, се согласиле на примирје со цел „да се постигне мир меѓу нивните земји“.

Нетанјаху зборуваше за можноста за „историски мировен договор“ со Либан. Во исто време, тој објави дека израелските вооружени сили ќе останат во појасот широк десет километри на југот на Либан, по должината на границата со Израел. Според либанското Министерство за здравство, неколку часа пред почетокот на прекинот на огнот, најмалку седум лица се убиени во израелски напад врз јужниот либански град Гхасие.

Претставникот на Хезболах, Ибрахим ал-Мусави, изјави за новинската агенција АФП дека милицијата ќе се придржува до прекинот на огнот под одредени услови. „Ние во Хезболах претпазливо ќе се придржуваме до прекинот на огнот, под услов тоа да претставува целосен прекин на борбите против нас“, рече ал-Мусави. Израел, додаде тој, не смее да го користи прекинот на огнот за „убиства“ на претставници на Хезболах.

Трамп рече дека се надева оти Хезболах ќе се однесува „пристојно“ за време на примирјето. „Ќе биде голем момент за нив ако го сторат тоа“, напиша тој на својата онлајн платформа. „Крај на убивањето. Конечно мора да завладее мир.“

Извор: DW