Приватните автобуски превозници најавија блокада на скопските улици и тужби

Приватните автобуски превозници, кои вчера повторно беа критикувани од скопската градоначалничка Данела Арсовска, денеска повторно побараа средба со неа за да ѝ ги презентираат нивните аргументи. Порачаа дека ако не дојде до разбирање, ќе преземат поригорозни чекори, како блокирање на скопските улици.

Директорот на „Слобода превоз“ – Ленин Јовановски порача дека околу милион евра, колку што им се должи за изминатите месеци, ќе ги бараат и преку тужби за ЈСП и директорот на претпријатието.

Тој рече дека Град Скопје денеска извршил инспекции во претпријатието, што, како што рече, никогаш досега не се случило и тоа е вид на притисок.

„Ако мислат дека со тоа ќе извршат притисоци да се откажеме за да нема некакви казни, нема да го направиме тоа“, рече Јовановски на денешната прес-конференција.

Во однос на критиките за неисправни автобуси, нехигиена, тој рече дека тие требало да се кажат претходно, а во ситуација кога фактички Град Скопје, преку ЈСП, им должи пари, тој нагласи дека тоа е погрешна метода.

„Нема да се откажеме, бидејќи нас ни должат милиони. Не ни должат 10 или 20 илјади евра. Ако треба нешто да поправиме нешто, ќе поправиме, а не откако ќе си ги побараме парите да се посочат критики – е сега не чините, бидејќи ги побаравте парите. Тоа не е во јавен интерес и тие методи се погрешни. Тоа сакавме да ѝ го порачаме на градоначалничката, затоа што некои структури околу неа не ја советуваат добро, бидејќи ќе има последици по сите нас. Не е добро ни за градот, ни за граѓаните, а најмалку за градоначалничката која на изборите ја поддржавме и во фокусот на нејзините ветувања беше јавниот превоз“, рече Јовановски.

Градоначалничката Данела Арсовска на прес-конференцијата вчера попладне им порача на приватните превозници ако се незадоволни да ги раскинат договорите што ги имаат со Градот Скопје.

Таа изјави дека за приватните превозници од „Слобода превоз“ од 1.6.2022 година до вчера биле исплатени вкупно 111 милиони денари од вкупно фактурирани 120 милиони денари што се обврски кон „Слобода превоз“, а ова го докажувала и финансиската документација на ЈСП-Скопје. Во однос на „Макекспрес“, во последните шест месеци имало фактурирано 44 милиони денари и сите биле исплатени.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …