По завршувањето на обуката, 10 невработени лица ќе бидат ангажирани и три месеци ќе добиваат бруто-плата 17.000 денари, а работодавачите имаат обврска да ги задржат шест месеци. Со програмата се предвидени вкупно 240 часа настава, од кои 180 теоретска и 60 часа практична, по што се полага завршен испит.
Зоран Милошески – Прилеп
Центарот за вработување од Прилеп, средното училиште „Орде Чопела“ и три прилепски фирми од пекарската индустрија – „Жито Прилеп“, „Стара фурна“ и „Златно зрно“ ќе соработуваат со цел да се обезбеди квалификувана работна сила.
Станува збор за пилот-проект, одобрен од Владата, а на иницијатива на УНДП, со кој претходно беше утврено каков квалификуван кадар им е потребен на стопанствениците. СОУ „Орде Чопела“ е лиценцирано за пекарство, што беше главниот предуслов за реализирање на обуката.
Во обуката се вклучени 20 лица, кои во следните четири месеци ќе се здобијат со теоретски и практични знаења. Теоретскиот дел ќе се изведува во СОУ „Орде Чопела“, а практичниот дел кај работодавачите.
– По завршувањето на обуката, десетмина од нив ќе бидат вработени кај работодавачите кои се дел од оваа пилот-програма. И теоретскиот, и практичниот дел од обуката ќе се одвиваат паралелно. Со програмата се предвидени вкупно 240 часа настава, од кои 180 теоретска и 60 часа практична настава, по што се полага завршен испит. На овој начин, не само што се поттикнува соработката со работодавачите, туку се намалува невработеноста во општината – вели Каролина Боцеска, професор по стручни предмети во СОУ „Орде Чопела“, задолжена за координирање на обуката.
Што се однесува до учесниците во пилот-програмата, право да аплицираат имаа само лица кои се активни баратели на работа, евидентирани во Агенцијата за вработување. Потпишаните договори точно ги дефинираат нивните права и обврски.
– За време на обуката, на сите учесници им исплаќаме надомест за трошоци во висина од 9.000 денари, со вклучен персонален данок и трошоци за професионални заболувања. На оние 10 лица кои ќе го положат завршниот испит и ќе добијат вработување, првите три месеци државата ќе им исплаќа бруто-плата од 17.000 денари, по што работодавачот има обврска да ги задржи на работа најмалку уште шест месеци – истакнува Гордана Младеноска од Центарот за вработување во Прилеп.
Од Центарот велат дека се во тек поголем број проекти за самовработување.
– Интензивирањето на соработката со образовните институции и со прилепските стопанственици е во интерес на намалување на невработеноста и побрзиот економски развој на градот. Во таа насока се прават напори за реализација на проекти за обука за заварувачи, багеристи, електроинсталатери и други дефицитарни професии – истакнуваат од прилепскиот Центар за вработување.
Објавено во „Слободен печат“