Според информацијата на Радио Слободна Европа, приватните превозници донеле одлука од утре во 10 часот блокадите да се дислоцираат само пред бараките на Град Скопје, на булевар „Илинден“, кој ќе биде блокиран во сите четири ленти, на потегот од позади Владата кон Карпош.
Одлуката е донесена после четиридневната блокада на раскрсниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и Црвен крст, а и дел од булеварот „Илинден“ од потегот кај Градски парк до Зоолошката градина, што предизвика огромни гужви низ поширокото централно подрачје.
Превозниците бараат од Град Скопје да им биде исплатен долгот од над 90 милиони денари, додека градските власти ги отфрлаат наводите дека им должат пари на компаниите.