Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, денеска извршија увид во градежните работи околу реконструкцијата на улиците во населеното место Големо Коњари, каде при сам крај е асфалтирањето на приоритетните 1.200 метри од патната инфраструктура.
„ Со оваа реконструкција се опфатени 1.200 метри од патна инфраструктура, а градежните работи на терен се веќе при самиот крај. Да напоменам дека остануваат уште 1.800 метри за асфалтирање, кои ги оставивме за реконструкција во наредниот период, затоа што на тие улици се’ уште нема фекална канализација. Токму за тие улици, во тек е подготовката на тендерската документација за изработка на секундарна канализациона мрежа, во должина од околу 1.800 метри, со која ќе бидат опфатени околу 200 куќни приклучоци за домаќинствата. Веднаш после изведбата на фекалната канализација, ќе бидат асфалтирани и улиците“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Јованоски потенцираше дека со овие инфраструктурни инвестиции, општината го заокружува процесот на решавање на приоритетните проблеми и потреби на жителите од Големо Коњари, при што обезбедува пристап до канализација и асфалтирани улици за сите жители од населеното место.
„Сакам да изразам благодарност до градоначалникот Јованоски, од причини што барањата кои нашата месна заедница ги упати до локалната самоуправа, деновиве стануваат реалност. Асфалтирани се улици во должина од 1.200 метри, што никогаш претходно не се случило во еден наврат да бидат реконструирани улици во толкава должина“, изјави претседателот на месната заедница „Големо Коњари“, Трајанчо Стојаноски кој изрази и убедување дека во наредниот период ќе бидат асфалтирани и преостанатете 1.800 метри од патната инфраструктура
Општина Прилеп, деновиве продолжува со засилено темпо да ја реализира Програмата за рекоснтрукција на патната мрежа за 2020 година.