Привршуваат работите за промена на водоводната и канализационата мрежа на улицата „Круме Волнароски“

Градоначалникот Илија Јованоски и директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, денеска извршија увид во градежните работи на улица „Круме Волнароски“, во урбаната заедница „Тризла 1“, каде се врши промена на водоводната и канализационата мрежа.

„Досегашната азбестно-бетонска мрежа се заменува со полиетиленска, со цел граѓаните да пијат безбедна и здрава вода. Исто така, се врши промена и на атмосферската канализација, а откако следната недела ќе биде поставен и  нов асфалт, улицата ќе добие нов лик. Сакам да напоменам дека во последните три месеци, локалната самоуправа на Општина Прилеп асфалтираше улици во должина од околу 25 километри, од кои 10 километри во градот и 15 во населените места. Продолжуваме со исто темпо, со цел до крајот на годината да бидат асфалтирани сите преостанати улици“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Емил Јанески, првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“, напомена дека заедно со приклучоците до куќите, реконструирани се повеќе од 1.000 метра водоводна мрежа.

„Поставивме цевка со дијаметар Ф-160 на потег од над 250 метра, цевка Ф-110 во должина од повеќе од 200 метра, како и цевка со дијаметар Ф-63 во должина од околу 200 метра. Заедно со куќните приклучоци, реконструиравме повеќе од 1.000 метра. Истовремено поставуваме сливници, за да се зголеми капацитетот на прием на дождовната вода при појава на поројни дождови, за граѓаните од ‘Тризла 1’ повеќе да немаат проблеми со поплави. Очекуваме дека работата ќе ја завршиме до среда, после што Општината ќе може улицата во целост да ја асфалтира“, истакна директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.

 

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …