Професијата и јавната корист

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Кога како мали размислувавме со моите другарки што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме, нашите желби беа: „сакам да сум професорка, да ги едуцирам младите луѓе”; „сакам да сум докторка, да им помагам на луѓето”; „сакам да сум истражувач, сознанијата до кои ќе доаѓам да им помогнат на луѓето во осознавањето на нештата”; „сакам да сум стоматолог, сакам сите да имаат убава насмевка”; „сакам да сум правник, да им помагам на луѓето да се снајдуваат во пропишаните законски норми”…

Пред некое време се сретнав со една млада девојка која сега завршува средно училиште и нормално, следеше прашањето за тоа каде планира да продолжи со високо образование и за која професија се одлучила дека сака да ја работи? На тоа, таа како од пушка одговори: „Сакам да бидам богата!”. Се разви полемика за тоа дека треба и да ја сака работата со која би се занимавала голем дел од животот, но таа беше децидна: „ Ќе ја сакам секоја работа која ќе ми носи добар приход. Зошто да бидам професорка, ако не можам да ги купам книгите кои ми се потребни?; Зошто да бидам наставничка кога, иако би имала распуст, нема да можам да одам на одмор?; Зошто да бидам докторка кога ни со тие пари не можам да живеам достоинствено?…”.

Ако внимателно погледнеме што сè направивме од круцијалните професии, ќе видиме дека не е ни чудно што сè помалку средношколци сакаат да бидат новинари, политиколози, правници, судии, обвинители, доктори… Податокот од „Рефлектор” кој ни укажува дека за последниве 18 години се намалил бројот на ученици во основните училишта за 60.000 ученици, е податок кој не е изненадување со оглед на промените кои се настанати на глобално ниво, но е податок кој треба да го земеме предвид при планирање на општествениот развој, секако доколку конечно почнеме да планираме да се движиме развојно.

Сега доаѓаме до она клучното што сакам да го кажам, а тоа е од што зависи општествениот развој во еден политички систем? Ова прашање е постојано на дневен ред, но никако да се стигне до негово ефектуирање. Летово медиумите многупати истакнуваа дека: „За да се среди образованието, политиката треба да се тргне на страна”; „За да им се излезе во пресрет на потребите на земјоделците, политиката треба да е на страна”; „За да имаме подобра услуга во здравството, потребно е политиката да остане на страна”…

Политиката е начинот на кој што ние како општествени единки се организираме. Колку е успешен или неуспешен начинот на кој го правиме општествениот договор, зависи од јавните политики за кои одлучуваат граѓаните кои ги бираме за да извршуваат јавни функции. Притоа, намерно потенцирам “граѓаните“, бидејќи и оние кои се на политичките функции, пред сè се граѓани. Затоа и постојат здравствени, образовни, земјоделски, социјални, економски, транспортни политики. Затоа имаме и министерства кои се создадени за да креираат јавни политики во насока на подобрување на условите за граѓаните во одредените области.

Јавните политики треба да креираат јавна вредност, а јавната вредност треба да им носи целисходност на професиите во рамките на политичкиот систем кои се важни за развојот во истиот. Кога кај нас луѓето студираа и учеа за животната средина, тие остануваа на маргините, бидејќи нивната професија не беше опфатена во јавните политики како важна. Кога студираа и учеа земјоделство, тие исто така беа „неатрактивни”. Кога студираа и учеа новинарство и се надеваа дека ќе бидат коректори на одлучувачите во политичкиот систем, им се случи А1, им се случи 1ТВ. За наставниците… зарем деновиве има што повеќе да се каже за професорите и нивното девалвирање?

Исто како што немаме потреба од „расипувач на чевли”, туку од поправач на чевли. Исто како што сакаме докторот да нè излечи, а не да нè разболи. Исто како што би требало во училиште да се оди за да се учи, а не само да се заврши. Исто како што сакаме на пазар да имаме добра понуда на здрави и квалитетни производи… така треба и од институциите во рамките на политичкиот систем, приватни и државни, да знаеме како да побараме одговорност, да ја добиеме најдобрата услуга, да ги добиеме правилните насоки за подобрување на одредена потреба како граѓани. Е, за тоа треба политичка писменост. Не партиска, туку политичка!

А развојно политичко општество значи и општество кое знае на кој начин да ги организира професиите кои се основа за јавната корист. Секако, тоа не се газдите како Орце, јавните фаци како Боки, обвинителите како Катица…

Кога само ќе се сетам колку новинарски имиња почнаа со работа во 1ТВ, надевајќи се дека конечно ќе бидат вистински новинари!? Колку наставници, кои иако после 10 години по партиска линија ќе добијат работа, се надеваат дека ќе можат да бидат вистински наставници!? Колку доктори, кои иако во последно време не ја рецитираат Хипократовата заклетва, се надеваат дека ќе бидат хумани, и дека некој “Орце” нема да им брои операции кои мора да ги исполнат!? Колку адвокати сметале дека ќе заработуваат со тоа што ќе можат правно да им помагаат на граѓаните!? Колку универзитетски професори останаа „гладни“ за да некој одлучувач им прочита барем една од книгите преку кои би сфатил зошто е избран или назначен!?

Без почитување и организирање на професиите кои продуцираат јавна корист, сè повеќе и повеќе ќе имаме деца кои ќе сакаат да бидат богати. Доцна ќе биде и за нас и за нив кога, во суштина, ќе имаат капацитет да сфатат колку е бедно таквото богатство!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …