Клучната работа за тројцата професори и за оние што застанаа зад нив е дека мора јасно да се произнесат дека се тоа партиски кандидати за претседателските избори. Колумна на Љупчо Поповски.

По првите неколку дена од кампањата и дебатата на тројцата претседателски кандидати на Телма нема некаков голем оптимизам дека битката за тоа кој ќе биде новиот жител на резиденцијата на Водно би можела да се трансформира во вистински политички натпревар од кој, наводно, ќе зависат многу идни работи во Македонија. Наместо да биде политичка дебата за највисоката политичка функција во државата, расправата на Телма повеќе се сведе на правни надмудрувања што би можело да се направи или да не се направи со Преспанскиот договор, какви механизми би можеле да се придвижат, кои познати светски професори расправале за демосот и државата и слични теоретски сновиденија. Во некое студио, каде што се води стручна расправа за правни аспекти на одредени случаи (на пример, ако тоа го организира специјализираниот сајт за правни прашања „Академик“), овие докажувања кој знае повеќе од струката, можеби би имале смисла. Вака, дебатата излезе од концептот на политичката борба и визиите каква би можела да биде улогата на шефот на државата во постпреспанска Македонија.

Во таков амбиент професорката Гордана Силјановска-Давкова, претставувајќи се самата себеси како врвен правен авторитет, се обиде да создаде перцепција дека е за скала повисоко од нејзините двајца ривали. И ако се земат како впечаток некои флешови од нејзиното излагање наменето за студенти, би можело да се каже дека таа успеа да ја сврти расправата на она поле каде што е најподготвена. Двајцата ривали, како своевидни џентлмени, се обидуваа што е можно повеќе да се држат на пристојна дистанца да не би случајно некој да добие впечаток дека ја ставаат во непријатна ситуација жената која би можело да изгледа ранливо. Тоа беше, се чини, главниот хендикеп на Стево Пендаровски и Блерим Река уште од првата минута на дебатата па се’ до крајот. Се разбира, тоа би можело да биде претставено како сериозен проблем за нив, бидејќи острите напади од многумина може да бидат протолкувани како непристојна агресивност. Но овие избори не се трка за некаква академска функција, туку ова е сериозна политичка игра во која сите натпреварувачи треба да бидат подготвени да зададат или да примат удари.

Правничка дебата

Стево Пендаровски се обиде да ја префрли играта онаму каде што се води таа – на политичкиот терен. Неколку пати му успеа, неколку пати се повлече, внимавајќи да не помине некоја граница која се’ уште не знае каде е поставена. Тој сега покажа далеку поголема умешност од дебатата пред пет години со Ѓорге Иванов, но изненадувачки за него, како човек со брзи мисли и брзи реакции, реши да премолчи одредени ситуации каде што можеше да поентира. Блерим Река со красноречивост се обиде да биде некаков медијатор меѓу двајцата клучни кандидати. Новинарскиот свет го знае него од времето кога беше амбасадор во ЕУ, а и подоцна, кога беше добар соговорник за многу европски теми, но јавноста сега во него виде еден одмерен професор, кој избегнуваше да зборува за национални теми, обидувајќи се да го прошири дофатот на неговите идеи надвор од албанскиот избирачки кампус. Во основа, Река повеќе се согласуваше со ставовите на Пендаровски, но и тој не успеа да излезе од правната замка.

Сепак, и од оваа салонска правничка дебата неколку работи станаа појасни и веројатно некои од нив ќе бидат употребени во наредните денови од кампањата. Прво, Стево Пендаровски беше прецизен да каже дека тој бил одреден дел од замаецот што го поттикна решавањето на спорот за името и дека не се срами од тоа. Затоа што придвижувањето на замаецот отвори нови перспективи за Македонија. Некому може не му се допаѓаше тоа признание и повеќе би преферирал политичка криенка, но Пендаровски ја одигра вистинската улога во којашто верува. На најголемиот дел од електоратот, кој не ги следи извештаите од митинзите и средбите со граѓаните, по оваа дебата му стана јасно дека Пендаровски има цврст став околу неопходноста и корисноста на Преспанскиот договор и дека целосно верува во него. Тоа е важна работа за еден политичар – јавноста да има вистинска претстава за што се залага. Можеби тоа некому не му се допаѓа, а некој го оправдува, но сите отприлика знаат дека тој ќе се бори за таквата политика која ја изнесува.

Откако ги постави своите постулати, не како функционер од власта, туку како претседателски кандидат, сега ќе може полесно да се движи и меѓу оние што му веруваат и меѓу оние што се сомничави кон неговото наводно „предавство на националните интереси”. Неговата забелешка дека ова не е академска расправа на правници, туку натпревар во високата политика, покажа дека тој знае за што станува збор. Илузорно е да се мисли дека научниците ќе и’ го донесат неопходниот филозофски разум на политиката. Тие можат само да и’ дадат поширок филозофски контекст, кој може да биде функционален само до одредена мерка. Затоа што би било бесмислено постоењето на партиите, на нивните идеолошки програми, на нивните концепти за иднината, а пратениците, на пример, тогаш би требало да се бираат од научните совети на факултетите.

Гордана Силјановска-Давкова, на нејзина штета, пренесе дел од онаа од многумина подзаборавена ароганција од првата влада на Бранко Црвенковски чиј член беше. Третирањето на двајцата колеги-ривали како некаков вид демонстратори на факултет таа успеа да ги задоволи суетите на нејзините поддржувачи, но прашање е колку е големо полето кон кое се прошири. Таа се обиде да се претстави како и амблемот на нејзината кампања со неодолива реминисценција на легендарната слика на Ежен Делакроа „Слободата го води народот”. Само што наместо со десната рака да држи знаме, таа ја држи вагата на правдата и што наместо младата жена на Делакроа, чиј сон е слободата, братството и еднаквоста, амблемот на Силјановска-Давкова порачува дека „татковината повикува“ (па уште со згрешено знаме со десет црвени и жолти зраци, наместо осум). Тоа стеснување на повикот Силјановска-Давкова го презентираше и во дебатата. Нејзиното пледоаје беше свртено целосно кон етничките Македонци, а другите граѓани беа сместени во графата задолжително присутни.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА