ПРОКЛЕТИ ДА СЕ ПРЕДАВНИЦИТЕ

ПРОКЛЕТИ ДА СЕ ПРЕДАВНИЦИТЕ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 

„Тие кои ги учат децата треба да се почитувани повеќе од тие кои ги прават; затоа што вторите само им даваат живот, а првите им ја даваат умешноста да живеат добро“

Аристотел

Не сум првиот а уште помалку последниот граѓанин кој си го поставил прашањето: кој столб од македонската држава најмногу го урниса владејачката банда? Здравството? Судството? Економијата? МВР?

Вашиот одговор не го знам, ама мојот гласи – Образованието!

И не случајно. Далеку од помислата дека сѐ друго функционира како што треба. Ама како што рекле: ако сакаш да уништиш еден народ, една нација, уништи му го прво образованието!

Свесни за оваа непобитна вистина, во изминатата деценија злосторничкото здружување систематски го уништуваше образовниот систем. Преку отворање универзитети во секој град, факултети во секое село, измислувајќи нови предмети за да ги вработи партиските војници, малтретирајќи ги учениците со безброј часови до изнемоштеност, убивајќи им ја желбата за стекнување знаење. Долгорочната деструктивна стратегија веќе ги дава првите резултати.

Може ли да биде педагог онаа сирота битолска наставничка која со мртовечки крст на кој беше испишано името на лидерот на опозицијата, шеташе по Широк Сокак? Што има таа да им каже на учениците? На какви вредности да ги научи? Да ги мразат различните од себе? Да им ја посакуваат смртта?

Каков патриотизам може да им всади директорот на прилепската Гимназија, кога самиот тој го газеше истото ова државно знаме кое сега здушно го „брани“ од Албанците? За каква принципиелност тој може да зборува, кога на сегашните протести учениците ги тера да одат на сила, а за време на „Шарената револуција“ ја заклучуваше вратата на училиштето за да некој случајно не замине да ја фарба општинската зграда?

Може ли воопшто да се зборува за квалитет во образованието, кога од ден на ден е сѐ подолга низата на факултети на кои главната девиза им е „кај нас студентите не губат година“? Кога идните академски граѓани не ги прашуваат која година запишале на факултет, туку која рата ја платиле? Какво знаење ќе стекнат средношколците кога наспроти континуираното намалување на бројот на ученици, секоја година се зголемува наставничкиот кадар!? Кога првата задача која директорите им ја задаваат на тазе завршените и експресно вработени даскали, е да се станат кодоши. Да ги кодошат и колегите и учениците. И тоа двострано – и кај директорите, и во партиските штабови.

Жално изгледа овие денови прилепската Гимназија. Образовната институција која своевремено важеше за една од најпрестижните и најреспектабилните во државата, сега е претворена во нешто друго. Окупирана од дузина манипулатори кои спроведуваат шизофрени партиски политики, јавно или прикриено вршат насилство врз сите кои мислат различно од нив. Ученици, професори…сѐ едно.

Некогаш таму учениците ги почитуваа професорите. И обратно. А денес… Денес професорите, или барем поголемиот дел од нив, ги убедуваат учениците да ја напуштат наставата и да им се придружат на протестите на „ќосињата“. Учениците пак, на професорите кои покажуваат професионалност и одговорност во работењето, им пеат „проклети да се предавниците“! Предавниците? Што знаат тие за предавство и за предавници? Им објасниле ли некогаш нивните родители дека спроведувањето партиска агенда во образовна институција не е патриотизам, ами најбезобразна манипулација и злоупотреба на малолетници од чисто лукративни мотиви?

И кога сме веќе кај родителите…каде се родителите? Знаат ли дека злостори и егоисти од најекстремен вид ги користат нивните деца како жртвени јагниња? Имаат ли претстава кој ги учи и воспитува? Конечно, знаат ли тие воопшто каде одат нивните деца кога со ученичките торби излегуваат од дома? Или имаат поважна работа отколку да се занимаваат со она што треба да им биде приоритет над приоритетите? Зарем до толку сите сме забегале со умот, та јагнињата сме им ги оставиле на чување на волците?

И затоа, ако ние самите не ги воспитуваме сопствените деца, тоа на свој начин ќе го направат улицата и разни „тврдокорни ќосиња“. Она што после неколку години ќе го добиеме како „готов производ“, кога ќе станеме свесни во какви личности израснале нашите наследници, ни малку нема да ни се допадне. Ама тогаш ќе биде доцна. Единствено, како утеха ќе ни остане да ја пееме песната чие вистинско значење дури тогаш ќе го сфатиме: „Проклети да се предавниците…“ кои тогаш ќе бидат „исчезнати во акција“ и надвор од нашето видно поле.

Автор:

Чеге Вара                                         Прилеп, ебаго!…….(144)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …