Промената на локомотиви на граница го успорува превозот на патници и стоки

Промената на локомотиви на граница го успорува превозот на патници и стоки

За разлика од земјите – членки на ЕУ, на граничните премини во земјава и денес се врши промена на локомотива при превозот на патници и стоки во железничкиот сообраќај. Особено кај патничките возови, менувањето на локомотивата изискува ангажирање на влечен парк од две железнички претпријатија, додека патниците чекаат дополнителни десетици минути и пристигнуваат подоцна до посакуваната дестинација.

Во случајот на дестинацијата меѓу Скопје и Белград, на меѓународните возови кои поаѓаат од македонскиот главен град им се врши промена на локомотива на железничката станица Табановце или Прешево, и тоа во периодот кога се врши гранична контрола. Но, откога ќе се изгради идниот заеднички граничен премин меѓу Македонија и Србија кај Табановце, промената на локомотиви ќе постане проблем за намалување на времето на патување со воз меѓу двете земји.

Од Железници на РСМ – Транспорт за Мета.мк велат дека надминувањето на оваа состојба е невозможно во моментов поради законски прописи и регулативи во железничкиот сообраќај. Главната причина за ова е регистрацијата и обезбедувањето дозволи на локомотивите. Промената на законската регулатива во Македонија и Србија е клучна за да се овозможи надминување на сегашната состојба со промена на локомотивите и олеснување на меѓународниот железнички сообраќај.

За да го забрзаат патувањето со воз, Македонија и Србија во моментов работат на изградба на заеднички граничен железнички премин кај Табановце. Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, заедничката гранична контрола би можела да почне дури во 2023 година откога ќе се изгради новиот објект во Табановце за сместување на полицијата, царината и другите служби. Времето на патување со воз во ваков случај би се намалило за минимум 30 минути, а би се зголемил и протокот на возови меѓу двете земји.

Во рамките на земјите – членки на ЕУ, железничкиот сообраќај најчесто се врши без промена на локомотиви на граничните премини. И во поранешна Југославија, возовите при преминот на границите на некогашните републики не ја менуваа локомотивата. Па така, најбрзиот воз пред три децении ја минуваше релацијата меѓу Скопје и Белград за 6 часа и 48 минути, додека на денешниот воз му се потребни 9 часа и 55 минути за да го мине растојанието меѓу овие два града.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …