Промовиран медицинскиот шприц на младиот прилепски иноватор, Сашо Јандрески

Синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“, се одржа промоција на иновацијата на медицинскиот шприц, дело на 16 годишниот ученик во втора година во прилепската Гимназија „Мирче Ацев“, Сашо Јандрески. Иновацијата се однесува на дизајн на медицински шприц, со чија имплементација и изработка би се замениле постојните модели на шприцови кои се употребуваат во медицински цели.

Во своето излагање на синоќешната промоција на медицинскиот шприц, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека идејата за иновацијата е од хумана побуда и нејзина основна цел е заштита на здравствените работници и пациентите од хепатит Б, Ц и ХИВ вирусите, кои предизвикуваат висока стапка на смртност. Истовремено, градоначалникот Јованоски потенцираше дека она што е посебно важно, е дека иновацијата е резултат на посветената тимска работа на Сашо Јандрески и неговите ментори, професорките Стефани Видеска, Наташа Милеска-Михајлоска и Моника Богданоска.

„Бев фасциниран од креативноста и знаењето на младиот прилепски иноватор Сашо Јандрески, кој е носител на проектот, дизајнот и самиот продукт, како и од посветеноста на тимот на професори кои го подржуваат на патот на овој иноваторски предизвик. Овој проект е пример дека креативните начини на пренесување на знаењето и менторството, поттикнуваат на креативно и критичко мислење и побудуваат интерес за нови знаења, клучни во развивањето истражувачки вештини и способности на младите ученици. Веднаш по нашата прва средба, јас како градоначалник и како доктор му ја пружив сета моја морална и материјална поддршка. Му беа ставени на располагање сите потребни лаборатории, кабинети за истражување во градот, финансиска поддршка, воспостави контакти и доби поддршка од моите колеги од прилепската болница и други институции, сѐ со цел успешна реализација на оваа и тоа како значајна иновација за Прилеп и пошироко“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Јованоски напомена дека освен координацијата и финансиската поддршка, обврска на Општината е да ги обезбеди потребните услови за работа во училиштата, бидејќи во денешниот свет на иновации, образованието станува уште поважно во развојот на новите генерации и претставува фундамент на економијата и посакуваниот развој.

Во однос на начинот на функционирање на шприцот, младиот иноватор Сашо Јандрески појасни дека тој е компатибилен за секаков вид на терапии – дермална, мускулна и интравенозна, со тоа што после инјектирање на лекот иглата се повлекува, навлегува во волуменската капсула и доаѓа до блокаторот, кој го блокира шприцот.

„Волонтер сум на Итната медицинска служба и пред сѐ првенец на натпреварите за прва помош организирани од Црвениот крст за општина Прилеп. Паралелно со тоа, со професорката Наташа Милеска-Михајлоска ја осознавме идејата и работевме на неа. Шприцот од пред еден месец е патентиран во Заводот за заштита на индустриската сопственост, со тоа што имам издаден сопствен печат и потпис и на тој начин е заштитен“, изјави Јандрески.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …