Во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид вчеравечер беше промовирана монографијата „Фестивалска приказна – Охридско лето 1961 – 2020“ од авторките Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска. Шестата по ред фестивалска монографија се промовира по повод јубилејот, 60 години од постоењето на фестивалот „Охридско лето“.
Снежана Анастасова-Чадиковска е истакнат академски музичар, пијанист, педагог и музички публицист. Зад себе има богата музичка дејност и на сцената на „Охридско лето“. Нејзиниот живот е сврзан со Охрид и фестивалот зашто таа е една од ретките која присуствувала на првиот концерт на „Охридско лето“ во катедралната црква „Света Софија“ во далечната 1961 година, уште кога имала само 11 години.
-Неминовно, дел од податоците во монографијата се повторуваат, зашто никогаш не можеш да го смениш фактот на оние кои се основоположници на фестивалот или на оние кои придонеле во првите две-три децении на развојот. Но секојпат, може да се каже и нешто ново. Последната монографија заедно со Роза Нолчева –Ангеловска ја работевме некаде од крајот на 2019 година. Имајќи ги предвид сите поминати монографии, сите сознанија за фестивалот стекнати што директно, а некои од нив и преку претходните монографии во кои насекаде постои оној дел, индекси, таканаречени фестивалски соѕвездија за уметниците кои учествувале на фестивалот, каде што се наведуваат сите нивни имиња, нам ни беше целта да направиме една читлива книга, приказна која ќе зборува за фестивалот од многу страни, но која ќе ја предаде човечката топлина што секојпат струела во „Охридско лето – рече на промоцијата Анастасова –Чадиковска.
Роза Нолчева-Ангеловска, дипломира на одделот за музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје а магистрира во областа на уметничката критика и музичкиот менаџмент на Сити универзитетот во Лондон на одделот за Културна политика. Нејзините објавени трудови разбирливо имаат допирна точка со македонската музика, културната транзиција, музичкиот менаџмент.
-Низ годините, бев фиксно присутна на речиси сите концерти на „Охридско лето“ во Света Софија и некои од нив биле одредувачки за мене како човек, музиколог, а денес и како продуцент во Македонската филхармонија. Пишувајќи ја оваа фестивалска приказна во вонредно време, заедно со Снежана Анастасова-Чадиковска работевме буквално под маски многу денови и ноќи, кога се обидувавме да ги собереме сите податоци кои треба да се срочат во еден ваков текст. Текстот има наративна природа, но тој е и фактографски. Ние навистина се обидевме да ги најдеме вистинските фотографии и за тоа ни беше потребна многу работа и труд – рече Нолчева-Ангеловска.
Како што истакна градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, голема е честа и заедничко е задоволството да се присуствува на промоција на публикацијата „Фестивалска приказна“ која е создадена по повод одбележување на јубилејот 60 години „Охридско лето“. Тој упати честитки до авторите на делото Снежана Атанасова- Чадиковска и Роза Нолчева – Ангеловска, за како што рече, вложениот труд на лист хартија да ја сублимираат успешната приказна на најпознатата музичко-сценска манифестација кај нас и на Балканот.
– Одговорноста да се креираат вакви дела е огромна затоа што „Охридско лето“ е нашиот најпрепознатлив бренд, кој не прави неизмерно горди и среќни, затоа што со него Охрид станува дом на уважување, разбирање и размена на културните разлики. Врвни светски имиња од областа на музиката и театарската уметност во изминативе шест децении биле дел од фестивалот, со што тој полека станува место за поставување и развој на интеркултурниот дијалог со почитување на различностите. Со тоа градот се промовира во светот, не само како културен центар, туку и како атрактивна туристичка дестинација. Токму затоа Охрид и граѓаните го поставија „Охридско лето“ високо на врвот на приоритетите во делот и на културата и на туризмот – истакна Георгиески.
Модератор на промоцијата на монографијата „ Фестивалска приказна- Охридско лето 1961-2020“ беше новинарот и публицист Милчо Јованоски, кој нагласи дека фестивалот е симбол на македонската државност и на културата во неа.
-Охрид се гордее со своето „Охридско лето“ и го помага на разни начини кои некогаш за нас се невидливи, но тој невидлив флуид меѓу градот и фестивалот е рамен на стотиците музички концерти и исто толку театарски претстави. Сеќавањата ако не се запишат и не се зачуваат лесно бледнеат а може и прав да ги прекрие. За среќа со нашето „Охридско лето“ не е и не смее да биде така. Вредноста на оваа монографија ќе биде повисока како што ќе минуваат годините. Затоа ништо не треба да се остава на случајот за нашите вредности со чувство на гордост треба да пишуваме и оставаме траги во времето – рече Јованоски.
Изданието е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Претходните монографски изданија за фестивалот „Охридско лето“ беа издадени во 1980 година, 1990, 1995, 2000, како и во 2010 година.