Минстерот за транспорт и врски Горан Сугарески и координаторот за операции во ТАВ Македонија, Неџат Курт, присуствуваа на промоција на првата авио линија Малме – Охрид на аеродромот Св. Апостол Павле- Охрид.
Во своето обраќање министерот Сугарески истакна дека оваа линија е дел од договорот за финансиска поддршка меѓу Министерството за транспорт и врски и Визер, што беше потпишан во месец Јануари годинава за воведување на нови авиолинии.
“Сакам да најавам дека овој месец ќе се воведат четири нови дестинации и тоа: две дестинации од Охридскиот аеродорм, оваа линија што денеска ја промовираме од Малме, како и уште една кон Милано. Визер најави дека ќе воведе вкупно 8 нови линии. Очекувам дека вака поставените политики ќе ги оправда нашите очекувања и ќе го зголеми бројот на туристи, а воедно ќе овозможи нови европски дестинации за граѓаните. Веќе ги имаме првите резултати кои покажуваат зголемување на бројот на патници во првите два месеци од годинава и тоа за 4,2 проценти вкупно на двата аеродроми или за 46 проценти повеќе само на Охридскиот аеродрм, споредено со минатата година која пак знаете беше рекордна година. Очекувам дека таквот тренд на зголемување на бројот на патници дополнително ќе го има и во наредниот период, со оглед на новите линии од Визер”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Министерот Сугарески потенцираше дека предвидени се 312 милиони денари за период од 2019 до 2022 година за финансиска поддршка за нови авиолинии.
Координаторот за операции при ТАВ Македонија, Неџат Курт истакна дека веќе од утре започнува да оперира линијата Охрид-Милано, а овој месец од Скопје ќе се воведат линиите кон Баден Баден и Бремен.
Министерството за транспорт и врски потпиша договор со авиокомпанијата Визер за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, која беше избрана на јавен повик.
Според договорот, во месец март авиокомпанијата Визер ќе воведе нови линии од Охрид кон Малме и Милано а во месец јули кон Дортмунд и Мемингем. Од Маѓународниот аеродром Скопје, во месец март ќе се воспостават линиите кон Бремен и Баден Баден, веќе од следниот месец и кон Турку ( Финска) и Ларнака (Кипар).