Карлсон е озлогласен со ширењето на пропагандата на Кремљ и е првиот американски и општо западен новинар, кого Путин не го одби за интервју по сеопфатната инвазија врз Украина, која драстично ги заостри односите меѓу Русија и Западот. Карлсон го интервјуираше и шефот на руското МНР, Лавров, кој за разлика од Путин не ги одбиваше западните медиуми, но заедничко со него му е тоа што го искористи интервјуто на Карлсон за пропаганда, која како штетно странско влијание стигна и кај нас (примери: тука, тука, тука и тука).
Пренесуваме текст од Вистиномер во целост.
Русија (наводно) не ја почнала војната во Украина
Русија не ја почнала војната во Украина – тврди Сергеј Лавров, но тоа е неточно. Во февруари-март 2014 г. Русија го зазеде Крим и поттикна сепаратизам во Донбас, па на 7 април беше прогласена т.н. Донецка Народна Република (ДНР). Во сето тоа учествуваше тајниот агент од Москва, Игор Гиркин-Стрелков, кој признава дека бил „чкрапалото“ на Донбаската војна. Таа почна на 12.4.2014 г., кога тој со своите борци го нападна градот Славјанск. Украина речиси не пружаше отпор, што се смени дури на 14.4.2014 г. со т.н. Антитерористичка операција (АТО), каква што би презела секоја држава.
Стрелков дури стана министер за одбрана на т.н. ДНР, а во сето тоа беа вмешани и други неканети гости од Русија како Александар Бородај, кој дури стана премиер на т.н. ДНР. Има индиции дека во Донбаската војна повремено и потајно се вклучувале регуларните сили на Русија, кои на 24.2.2022 г. отворено тргнаа во сеопфатна инвазија врз Украина.
Неумесна споредба: Сепаратизмот во Украина и деколонизацијата во Африка
Лавров вели дека меѓународното право бара почитување на територијалниот интегритет, но во оправдани случаи дозволува самоопределување, па Лавров тоа го бара за проруските жители на Украина, споредувајќи го тоа со деколонизацијата на Африка.
Но, Русите во Украина не биле африкански робови, туку колонизатори. Руската Империја била една од најголемите на светот, а под неа биле: Украина, Белорусија, Балтикот, Закавказје, Средна Азија, Финска, дел од Молдавија и Полска, па дури и Алјаска.
При распадот на Империјата, некои нејзини делови се осамостоиле (Украина, Белорусија, Грузија, Ерменија, Азербејџан и др.), но нив ги нападнала Советска Русија, која во нив поставила советски режими и насилно ги внела во СССР, со што ги реколонизирала, само во поинаква форма.
Русија и сега е составена од освоени територии: Татарстан, Башкортостан, Чувашија, Удмуртија, Бурјатија, Јакутија, Чукотка и др., но брутално задушува какво било самоопределување и деколонизација, што особено се виде во Чеченија во 1990-тите.
Територијата, која Путин ја анектираше во Украина, под Империјата се викала Новорусија, не затоа што била исконски руска, туку затоа што била новоосвоена. Пописот од 1897 г. сведочи дека мнозинство таму биле Украинците, а така беше и на последниот попис во Украина од 2001 г. Според него, Русите се мнозинство само на Крим и тоа не огромно (58,3 отсто), а тоа станале со руска колонизација и прогон на Кримските Татари.
Одделувањето на Крим од Украина и неговото вклучување во Русија не е деколонизација, туку реколонизација. Русија го зазела во 1783 г. од Кримските Татари, а пред нив таму владеела Византија, Старите Грци, Скитите, Сарматите, Хазарите, Готите и куп други култури, во даден период и Словените, но тоа не е некоја исконска руска земја.
Косовскиот преседан или ако може Косово, може и Крим
Лавров го користи тоа што САД го помагаа одделувањето на Косово од Србија како преседан за руското одделување на Крим од Украина, но тоа не држи од низа причини.
Во раните 1990-ти, Русија воено го помагала одделувањето на Приднестровје од Молдавија и на Абхазија и Ј. Осетија од Грузија, што било пред САД тоа да го сторат на Косово во 1999 г., па излегува дека Русија е таа која има направено преседан, а не САД.
И, ако САД постапиле погрешно, зошто и Русија го прави тоа? Откако Косово стана независно на 17.2.2008 г., во август истата година Русија повторно војуваше за Абхазија и Ј. Осетија, кои тогаш дури ги призна, а подоцна тоа го стори и во Украина. Русија ги осудува САД за Косово, а самата има создадено куп сепаратистички држави и тоа од многу порано. Некои од нив таа дури ги анектираше, што САД сепак не го сторија со Косово.
САД сакаа косовскиот проблем да се реши со компромисна мултиетничка држава, што не излезе идеално, но тие барем се обидоа да најдат решение, што траеше од 1999 до 2008 г., а Русија на Крим тоа го стори брзоплето и неубедливо. Крим најпрвин беше прогласен за независна држава, а Русија ја призна, но веќе утредента ја анектираше.
Лавров додава дека територијалниот интегритет веќе не важи кога власта не ги почитува правата на граѓаните, кои тогаш имаат право на самоопределување, па ако така било за Косово, така треба да биде и за Крим. Но, Украина не се однесуваше кон кримските Руси како Слободан Милошевиќ кон косовските Албанци (како погрозоморен пример се издвојува оној со камионот-ладилник полн со убиени Албанци, потопен во р. Дунав).
Великосрпските сили убиваа и во Хрватска и Босна, па кога дојде на ред Косово, на Србија веќе никој не ѝ веруваше, дури иако таа имаше некои аргументи (делови од Резолуцијата на ООН 1244, богатата српска историја и култура на Косово и сл.).
Репутацијата на Украина беше далеку почиста, а меѓу Крим и Косово нема сличност и затоа што косовските Албанци имале дејци како Хасан Приштина или Ибрахим Ругова, па воделе долга борба, дале жртви и лежеле по затвори, што кај Русите на Крим не било така драматично.
Нивниот најпознат политички активист Сергеј Аксјонов дури не беше родум од Крим и не добиваше многу гласови пред руската окупација. Тој беше „изгласан“ за премиер на Крим под притисок на рускиот окупатор, а во такви услови беше одржан и „референдумот“ за одделување од Украина, па Лавров залудно се повикува на него во интервјуто.
Анектираните територии не се Русија ни де јуре, ни де факто
Лавров тврди дека украинските територии кои Русија ги анектираше се веќе нејзини и дека тоа е реалност со која мора да се соочиме, но тоа не држи ни де јуре, ни де факто.
На 18.3.2014 г. Путин го анектираше Крим, а на 30.9.2022 г. и Донецката, Луганската, Херсонската и Запорошката Област, но тоа беше осудено со резолуциите 68/262 и ES-11/1 и тоа е ништовно и според меѓународното и според руското право. Тоа забранува водење агресивна војна, а за примање нови субјекти во Руската Федерација е потребна согласност од државата, чии територии тие се – Украина. Согласност од марионетски творби како ДНР не земаме предвид, а во Херсонската и Запорошката Област, Русите дури не создадоа такви „држави“, кои би дале „согласност“.
Таа анексија не само што е нелегална и неспретно изведена, туку е во голема мера само на хартија. Русија нема целосна контрола над Херсонската Област, чиј главен град го загуби на 11.11.2022 г.; ниту над Запорошката Област, чиј главен град никогаш не го зазеде; па дури ни над Донецката Област, иако формално ја анектираше во целост.
Моќната ракета Орешник – „застрашувачки сигнал“ до Западот
На 21.11.2024 г. Русија ја гаѓаше Украина со ракетата Орешник, а според Лавров, тоа е сигнал до САД дека тие згрешиле што на 17.11.2024 г. им дозволиле на Украинците да ја гаѓаат Русија со американско оружје и дека Орешник утре може да полета и кон САД. Но, изјавата е нелогична.
За Русија Лавров ги смета и анектираните територии, но нив Украинците веќе две години ги гаѓаат со американско оружје, а Русија на тоа не реагираше. Таа реагираше дури откако со тоа оружје беше гаѓана нејзината меѓународно призната територија, што значи дека онаа анектираната не ја чувствува како руска, иако по устав ја води како таква. И, иронично, Карлсон му откри на Лавров дека многу Американци не ни чуле дека Русија применила таква моќна ракета.
Рускиот идентитет не е забранет во Украина
Лавров тврди дека Украина го забранува рускиот јазик, но нештата се сосема обратни. Руската Империја го гонела украинскиот јазик со забрани како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876), а СССР го признавал, но го потиснувал со рускиот, па многу Украинци не знаат украински, туку само руски. Тој беше многу застапен и по осамостојувањето на Украина преку рускојазични медиуми и училишта, во кои сите предмети се предаваа на руски, а под прорускиот претседател Виктор Јанукович беше донесен закон, според кој рускиот јазик стана службен во некои региони.
Многу Украинци беа огорчени од сето тоа, па откако на 22.2.2014 г. Јанукович беше тргнат од власт (со некаква процедура, а не со пуч како што тврди Лавров), собранието изгласа и укинување на тој закон. Но, тоа не беше потпишано од в.д. претседателот Олександр Турчинов, кој сметаше дека тоа делува дискриминаторски и дека прво треба да се осмисли подобар закон. Значи, тој не беше укинат, но настаните на Крим и Донбас сеедно се случија. Тој беше укинат дури во 2018 г. откако беше разгледан од Уставниот суд.
Агресивноста на Русија и нејзините помагачи во Украина придонесе таа да забрани увоз на некои книги од Русија и некои нејзини сајтови и ТВ канали, а потоа презеде мерки за заштита на украинскиот јазик, во смисла дека: наставата мора да биде на украински, со паралелки за малцинствата; на странки на шалтер мора да им се обраќаат на украински, па ако тие не разбираат, може и на руски; медиумите, кои се на руски, мора да имаат и украинска верзија; и сл. Но, рускиот јазик не е забранет, а неговата слободна употреба е гарантирана со чл. 10 од Уставот.
Точка разно
Лавров нафрла излитени тези дека Украина е нацистичка држава, иако нејзиниот лидер Володимир Зеленски има еврејско потекло и иако таа го забрани нацизмот со закон донесен на 9.4.2015 г. а, иронично, во агресијата врз неа учествуваат руски неонацисти. Украина, според Лавров, ги прекршила Минските договори (2014 – 2015), а, всушност, Русија ги прекрши сите можни меѓународни норми, па и Будимпештанскиот меморандум од 1994 г., согласно кој Украина ѝ го предаде своето советско нуклеарно оружје на Русија, а таа се обврза дека ќе ѝ биде гарант на независноста и безбедноста, заедно со САД и Британија, што на крај го прекрши.
По сето тоа, Лавров се чуди зошто не се реализирале т.н. Истанбулски принципи, мировен план од пролетта 2022 г., според кој Украина пак би ѝ правела отстапки на Русија, а таа пак би била гарант. Лавров обвинува и дека НАТО-пактот се ширел кон границите на Русија, а тој е таму од своето основање во 1949 г. преку Норвешка. Подоцна во него се вклучија и други сосетки на Русија, но тој не ги заграби насила, туку тие така се самоопределиле, заради лошите искуства со неа.
Според Лавров, санкциите се надминуваат со соработка со (како што тој вели) нормални земји, но дали С. Кореја и талебанскиот Авганистан, со кои Русија сега соработува, се нормални земји? Лавров се жали дека не му биле дадени имињата на жртвите од масакрот во Буча, кои биле на ТВ снимките кои го обиколија светот, со што сугерира дека тоа била местенка, но тој масакр е добро истражен (извори: тука, тука, тука и тука), а имињата на жртвите беа објавувани откако тие беа сместувани во мртовечница (примери: тука и тука). Потоа, Лавров го доведува во прашање и труењето на Алексеј Наваљниј, иако и тоа е добро истражено.
Накусо, Лавров во интервјуто е крајно неубедлив, што и важи и за Карлсон, кој практично не му контрира и не му поставува незгодни прашања.
Извор: МЕТА