Протест на улици, Вучиќ на ТВ: злоупотреба на трагедијата?

Масовен протест против насилство во Белград и собири во други градови, проследени од гостување на претседателот Вучиќ на телевизите. Се слушаат меѓусебни обвинувања за тоа кој всушност ги „злоупотребува“ двете трагедии.

По дождот претпладнето, маса луѓе се собраа во понеделникот пред вечерта пред Народното собрание на еден од најголемите протести во ерата на Александар Вучиќ.

На собирот, практично повеќе тивка поворка, граѓаните беа испратени со етикети дека „газат преку мртвите деца“ заради политички поени, како што деновиве наведуваа од власта и медиумите кои ѝ се блиски.

„Шетам зашто луѓето овде ионака се тажни, па не мораат уште да размислуваат дали системот ќе потфрли ако им се случи вакво нешто“, вели продавачката Ана Павиќ (33) додека бремена шета во колоната кон владата со мажот и две мали деца.

Што потфрли? „Сѐ. Правосусдството. Сочувството.Сѐ. Нешто конечно мора да направиме“, вели таа по седмицата со две масовни убиства, во основно училиште во Белград и во околината на Младеновац.

Занаетчијата Зоран Писариќ (57) смета дека не дошол на партиски собир. „Ова е протест на луѓето со здрав разум, на оние со мозок. Мака ми е од оваа недоделкана власт.“

Испратени барања

На „Протестот против насилство“ повикаа повеќе политички партии, од зелено-леви до националистички, барајќи смени на чело на министерствата, во службата за надзор на електронските медиуми, одземање лиценци на некои телевизии, како и забрана на риалити- програми.

Протести имаше и во други градови и тоа од масовен собир во Нови Сад, па до помали места каде протестот едвај да беше организиран и привлече само грст љубопитници.

„Овде сме зашто не можеме веќе да чекаме. Предолго чекавме, предолго молчевме“ рече преку микрофонот наставничка која го читаше заедничкиот проглас пред Владата на Србија. Други говори инаку немаше, а се скандираше само еднаш и тоа: „Вучиќ, дај си оставка!“

Некои, како ПОКС и Заветници се воздржаа од протести, зашто „уште не е време“.

Протестот против насилство Белград Србија
Протестот против насилство во Белград беше еден од најмасовните во последно време

Опозицијата не молчи, Вучиќ „ не бега“

И врвот на власта е убеден дека не е време. Белградските одбори на Српска напредна партија во текот на деновите на жалост нижеа соопштенија, па така одборот на владејачката партија во Врачар наведе дека опозицијата има „карикатурални ментални способности“, дека „безличното зло е нурнато во извитоперена амбиција“ кое ја „користи оваа национална трагедија за свој личен интерес.“

Пред толку придавки, Ѓорѓе Павичевиќ, пратеник од „Да не го давиме Белград“, вели: „Власта сака да има монопол над начинот на кој се зборува за настаните, избегнува разговор и сѐ што би можело да помогне во решавање на проблемите.“

„Луѓето кои не се согласуваат со таа политика не можат да бидат замолчени. Тие сметаат дека некој мора да сноси одговорност, покрај ‘интернетот’ и ‘западните вредности’, кои се прогласени за виновни минатите денови“, додава Павичевиќ за Дојче веле.

Со телевизиски настапи, од средата наваму ги имаше четири, претседателот Александар Вучиќ се обиде да му даде рамка на протестот. Во неделата на РТС вети остар одговор, но го остави за „Кирилица“ на телевизија Хепи по протестот.

Вучиќ оцени дека со овој собир „на најбрутален начин се злоупотребени чувствата на луѓето“. „Од сите предлози, сѐ се сведе на сува политика. За иднината на нашите деца не постоеше грижа ни еден момент. Очекував барем малку сериозност и одговорност“, додаде тој.

Претседателот, не наведуваќи детали, најави собир на СНС на кој ќе има далеку повеќе луѓе отколку на опозицискиот и навести можност од нови избори.

„Да бегаме од кукавици? Јас својот живот ѝ го посветив на оваа земја. Нема да се криеме. Повторно ќе одиме на избори. Не мислам дека се тие добро решение, но никогаш нема да побегнеме од нив. Им се гадат на луѓето со вакви акции, само што тие тоа не го разбираат“, рече Вучиќ за ТВ Хепи.

протест против насилство во Белград Србија
Пораки за љубов и сочувство на протестот против насилство во Белград

Обвинувања од сите страни

Во текот на викендот на медиумите наклонети кон власта им беше доставено да објават дека Вучиќ подготвува голем рез како реакција на трагедијата, дека е само прашање дали оставка ќе поднесе тој, владата или и тој и владата истовремено, што Србија веднаш би ја вовело во нови избори.

На крајот, од тоа нема ништо, барем засега. Оставката на социјалистичкиот министер за образование Бранко Ружиќ неколку дена по масакрот во училиштето би можела да остане единствената политичка последица од трагедиите.

Ружиќ е воедно еден од ретките политичари од власта кој посети некое од местата на крвавите пукања До денес ни Вучиќ, ни премиерката Ана Брнабиќ не отидоа до училиштето „Владислав Рибникар“, каде инаку меѓу восокот од свеќи и илјадниците бели цветови, се чека по два часа за запишување во книгата на жалост.

Градоначалникот Александар Шапиќ пак органиизраше полагање венец пред Стари двор, кој му е канцеларија, но малкумина граѓани наминаа таму. Инаку, училиштето „Владислав Рибникар“ е оддалечено само триста метри.

Засега се чини како трагедиите да не водат кон никаков вид национална катарза, туку дополнително го зголемуваат гневот и поделбите.

Уште сите жртви не се ни погребани, ранетите се во тешка состојба, а наголемо се вперува прст во наводни виновници. За некои тоа се видео игрите и ТикТок, за други отуѓувањето од религијата, за трети токму патријархалното општество и негирање на злосторствата од деведесеттите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ од средата четири пати се обраќа преку телевизиите по двата масакри

Има причини за протест

Но, под впечаток на протестите и настапите на Вучиќ, како клатното најмногу да се ниша меѓу обвинувањата на власта и опозицијата. Не е ли тоа игра во која разни политичари ризикуваат да бидат лешинари?

Според мислењето на политикологот Душан Љ. Миленковиќ, приказната за „газење преку трупови заради политички поени“ не му паѓа никому на памет освен на властите. „Власта се обидува да ја ограничи штетата и ги губи конците“.

Миленковиќ мисли дека ова е повод за протест. „Имавме понова историја на рефлексни реакции на општетсвото, каде опозицијата каскаше зад граѓаните, бесот и фрустрациите. Но сега на некој начин прв пат излезе напред во последно време“, потсетува тој.

Овој белградски политиколог за ДВ додава дека власта на Вучиќ секако не е единствено одговорна, а посебно не е виновна за тоа што двајца извршители тргнаа во крвав поход.

„Но, луѓето природно се стремат да бараат виновник, зашто се поразени и не можат да го избркаат стравот. Во системи каде власта така речи ги контролира животот и смртта, логично е да биде обвинета како најголем виновник.“

Вучиќ очигледно остави простор до крајот на мај, кога, како што е најавено, ќе заседава собранието на неговата партија. Се шушка за „далекусежни“ одлуки, иако такви и во минатото или изостануваа или се сведуваа на вонредни избори.

В петок уште помасовен собир?

Познавачите на поитичката сцена велат дека како и секогаш кога во земјата се случува нешто значајно, во позадината работи машинеријата за испитување на јавното ислење, па Вучиќ одлуката ќе ја донесе во склад со тоа.

Во меурот на критичарите на власта, а тука се вбројува и Врачар, каде се случи трагедијата, се вели дека ова би можело да биде капка што ќе ја прелие чашата.

Но, Миленковиќ не е толку сигурен. „Имаме низа релативно неуспешни протести, со кои режимот не е размрдан. Ми се чини дека така ќе биде и овој пат.“

Како и да е, а властите им е даде рок до петок (12 мај) да ги исполнат барањата прочитани во прогласот. Ако тоа не  се случи, ги повикуваат граѓаните од цела Србија дојдат во Белград.

Како што дознава ДВ од редови на опозицијата, уште нема јасна идеја како би изгледал тој нов протест. Некои зборуваат за блокирање патишта, други за собир пред зградата на ТВ Пинк, трети мислат дека е најпаметно уште еднаш достоинствено да се прошета.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Битиќи: Со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

„Добросостојбата на граѓаните е императив и тоа сме го докажале тоа, се во нашата програма …