Заради одолговлекувањето на градежните работи на регионалниот пат Прилеп – Крушево и намерата на ЈП за државни патишта целосно да го затвори патот заради реконструкција на два моста, жителите од повеќе населени места од општина Кривогаштани во знак на протест утринава го блокираа овој патен правец.
Реконструкцијата на околу 900 метра од регионалниот пат трае точно една година, а за следните 3 месеци планирана е комплетна реконструкција на двата моста, што подразбира целосно затворање на патниот правец и пренасочување на сообраќајот преку локални патчиња.
Тоа, како што велат жителите од населените места во општина Кривогаштани, ќе предизвика вистински хаос во сообраќајот бидејќи локални патчиња се широки едвај 2,5 метра и по нив се движат голем број земјоделска механизација и машини, особено во овој период од годината кога почнуваат земјоделските работи.
Во насока на изнаоѓање решение за огромниот проблем со кој се соочуваат жителите од оваа, но и соседната општина Крушево, за денеска во 12.00 часот закажана е итна средба на градоначалникот на општина Кривогаштани со претставници на ЈП за државни патишта и изведувачот „Стентон Градба“.
Блокадата на патот траеше триесетина минути, по што сообраќајот е нормализиран.