„Се работи за систем и антисистем“, рече таткото на прерано починатата Фросина, Тодор Кулаков и ја прогласи неговата ќерка за еден од хероите на нашето време
Непомирлив судир меѓу два различни цивилизациски концепти – на овој начин таткото на трагично починатата Фросина Кулакова попладнево пред македонското Собрание ја сумираше суштината на гневот кој го предизвика нејзината прерана смрт. Илјадници граѓани се собраа во Скопје попладнево на маршот „Правда за Фросина“.
Протестот го предводеше токму семејството на Фросина. Нејзиниот татко, Тодор Кулаков, зборувајќи пред илјадниците насобрани рече дека не очекувале толкава поддршка, која им е насушно потреба во моментов.

„Се работи за систем и антисистем“, рече Кулаков и ја прогласи неговата ќерка Фросина за еден од хероите на нашето време.
„Девојче за пример, врвен интелектуалец, дизајнер, светските врати ѝ беа отворени. Еднаш годишно одеше во Париз на ревии, сега пред да биде убиена си уплати по 4 пат да оди во Париз“, продолжи Кулаков додавајќи дека од другата страна се „оние кои се задоени со чемерот на антисистемот, се претвораат во наркодилери, насилници, убијци, на кои им помагаат тешко потплатени судии и обвинители“.

Протестот започна во 17 часот попладне од крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и „29 Ноември“, каде што Фросина го загуби својот живот пред 5 дена. Со огромна брзина во нејзе удри 20 годишниот Васил Јованов, кој сега е во притвор, но претходно бил пуштен на слобода и покрај кривичните дела за кои бил осуден.
Водачи на протестот беа студенти, кои извикуваа „Што сакаме? Правда“ и „Секој еден може да е следен“. Од местото на несреќата граѓаните се упатија кон Собранието, претходно поминувајќи пред Министерството за правда каде се слушаа гласни извици на негодување и свирежи.

Пред говорот на Кулаков пред зградата на Собранието, водачот на студентите побара од присутните три-минутен молк за почит кон Фросина, но и да ги извадат своите мобилни телефони и да ги вклучат светлата.
Присутните носеа бројни транспаренти на кои пишуваше „Кога парите зборуваат правдата молчи и умира“, „Не е кобно местото, туку луѓето и системот“, „По секое загубено дете, тишината убива уште повеќе“, „Секое мито купува нов гроб“…

Од Собранието граѓаните се упатија кон зградата на обвинителството и Кривичниот суд каде уште еднаш одржаа три-минутен молк и ги запалија светилките на мобилните телефони.
Фросина го загуби животот ноќта на 29 јануари 2025 година петнаесетина минути пред полноќ кога Васил Јованов, под дејство на алкохол, возејќи брзо и поминувајќи на црвено удри директно во нејзе и ја усмрти на лице место.

Откако му беше одреден 30-дневен притвор на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа дека веќе има мобилен телефон. Потоа, мобилниот му бил одземен, и тој бил сместен во самица.
Денеска, при протестот во Кавадарци, сестрата на Фросина, Росица Кулакова побара одговорност од Зоран Јованов, таткото на Васил, како и од судијката Даниела Алексовска Стојановска која донела пресуда Васил да се третира како помлад полнолетник и наместот во затвор да оди во казнено-поправен дом за малолетници во Тетово.
View this post on Instagram