Од протестниот марш беа упатени четири барања за борба против загадувањето на воздухот во главниот град
Граѓаните на Скопје по втор пат месецов излегоа на протест против аерозагадувањето. На протестниот марш што се одржа денеска, присутните порачаа дека „Скопје мора да дише“ и оти „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“.
Протестот започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде граѓаните се упатија кон Собранието, па кон Владата, за на крај да завршат пред бараките на Град Скопје.
Од протестниот марш беа упатени четири барања за борба против загадувањето на воздухот во главниот град.
Едно од барањата е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за точно да се знае кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објектите кои сè уште се греат на мазут. Меѓу барањата е и подоброто управување со отпадот, како и да се реши автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите.
Зад протестниот марш стојат неколку граѓански организации и иницијативи: Зелен Хуман Град, Шанса за Центар, Skopje Smog Alarm, Независни за Карпош, О2 Иницијатива, Зелените од Гази Баба, Иницијатива за ослободување од еднократна палстика, НаТочак, Go Green – Биди Зелен и Слобода на Говорот.