Стотици илјади луѓе учествуваа на повеќе од 1.400 протести низ сите 50 сојузни сојузни држави на САД против претседателот Доналд Трамп и американскиот милијардер Илон Маск, кој е шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE), објавија светските медиуми.
Така, американскиот Си-Ен-Ен и некои други медиуми јавуваат дека милиони луѓе учествувале на протестите, организирани од продемократското движење. Организаторите на демонстрациите велат дека се против, како што го нарекуваат „непријателско преземање“ и напад врз американските права и слободи со, како што велат, преземените потези од Трамп и Маск.
Протести се одржаа во престолнините на американските држави, федералните згради, канцелариите на Конгресот, центрите за социјално осигурување, парковите и градските сали низ САД.
Демонстрантите изразија незадоволство поради низа политички одлуки, вклучително и намалување на правата на трансродовите лица, масовни депортации на мигранти, ограничувања на правата за абортус и планови за намалување на социјалното осигурување.
Организаторите на протестот ги повикаа сите кои меѓу другото се противат на нападите врз демократијата, кратењето на работните места, да се приклучат на демонстрациите.
Според Си-Ен-Ен, Трамп отпуштил најмалку 121.360 вработени во федералните агенции заклучно со 28 март.
Според податоците на организаторите, околу 150 активистички групи се пријавени за учество на протестите. Некои демонстранти носеа украински знамиња, додека други носеа палестински кефии и натписи „Слобода за Палестина“.
Покрај САД, протести против Трамп и Маск се одржаа и во неколку европски градови, вклучувајќи ги Берлин, Франкфурт, Лондон и Лисабон.
Извор: РСЕ