Протести во 13 градови во Грција, МНР апелира македонските граѓани да бидат претпазливи

Паралелно во 13 градови во Северна Грција ќе се одржат протести на кои граѓаните ќе испратат порака дека Македонија е една и грчка. Организаторите ги повикуваат Грците, без партиски, но со грчки знамиња масовно да учествуваат во демонстрациите.

Вечер, во 19.30 часот, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организира протести во Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики.

Според грчките медиуми, независно од Комитетот, и во други градови и острови низ Грција, самоиницијативно ќе се одржат протести.

Во многу градови демонстрациите се поддржани од локалната самоуправа, од градоначалниците, но и од митрополитите, а планиран е и организиран превоз од села и градови до плоштадите каде што ќе се одржат протестите.

Организаторите преку овие протести „ќе се обидат да ги потсетат политичарите во земјата дека грчкиот народ донел одлука во врска со името“.

Македонското Министерството за надворешни работи вчера упати предупредување до македонските државјани кои денеска планираат да патуваат во Грција да ги избегнуваат местата на одржување на протестите поради потенцијална можност од нивна ескалација.

Во соопштението на МНР се наведува граѓаните да ги избегнуваат местата на одржување на протестите, но да избегнуваат и било какви реакции кои би имале негативни последици по нивната безбедност.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …