Проветрување на знаењето – лажните дипломи на рентген

Шест земји од регионот наскоро меѓусебно ќе ги признаат дипломите. Но, пред да го поминат филтерот на регионалната комисија, се повеќе се наметнува потребата најпрво за проветрување на дипломите на домашен терен.

Шест земји од регионот наскоро ќе ги урнат висообразовните бариери со меѓусебно признавање на дипломите издадени од надлежна восокообразовна институција. Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, со кој Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија меѓусебно ќе си ги признаат дипломите, треба да биде потпишан на претстојниот Самит на Берлински процес во Берлин, Германија, кој ќе се одржи на 3 ноември.

Овој договор не само што ќе овозможи соработка меѓу националните центри за академско признавање на квалификации, размена и споделување искуства, алатки и бази на податоци, туку ги обврзува земјите и на заедничка борба против појавата на фалсификување  документи, проблем со кој што се соочуваат сите земји од регионот, а стана особено горлива тема и во Северна Македонија, по обелоденувањето на последниот случај со „лекар“ кој со години лекувал граѓани без соодветна диплома. 

Опасности 

Уривање на образовните бариери ќе донесе низа предности, но демнат и опасности во услови кога на пазарот се појавуваат фалц дипломи, магистерски и докторати, кои на измамниците им овозможуваат лесно напредување, добивање на посакуваната работа и привилегии кои незаслужено ги користат. 

Иако деталите од договорот кој треба да го потпишат шесте земји се уште не се познати во јавноста, сепак првичните најави се дека ќе биде формирана заедничка комисија за признавање на високообразовните квалификации, составена од тројца претставници од секоја од државите потписнички. Со тоа документите од шесте држави ќе бидат ставени на тест на валидност, со што ќе се спречи циркупацијата на лажни дипломи коишто се главоболка за регионот. 

студент
Уривање на образовните бариери ќе донесе низа предности, но демнат и опасности во услови кога на пазарот се појавуваат фалц дипломи

Проветрување на знаењето 

Во рамките на средбата на „Отворен Балкан“ во јуни во Охрид, Северна Македонија, Србија и Албанија потпишаа договор со кој се предвидува дека краен рок за потврда на автентичноста на една дилома е 14 работни дена од поднесување на барањето, додека краен рок за завршување на процесот на признавање на дипломата е 20 работни дена од потврдата на автентичноста на дипломата или од нејзиното заверување со апостил печат.

Но, пред да го помине филтерот на регионалната комисија, се повеќе се наметнува потребата најпрво за проветрување на дипломите на домашен терен. 

Според податоците на МВР, во периодот од 2020 година заклучно со септември 2022 година, регистриран е еден случај на откриена лажна диплома за доктор на науки во областа на менаџмент која е издадена од страна на Универзитет во Република Србија и таа е искористена за вработување на универзитет во Северна Македонија. „Во врска со случајот поднесено е известување до надлежно јавно обвинителство поради основано сомнение за фалсификување на исправа“, велат од МВР за ДВ.

Проверки врши и Државниот просветен инспекторат. Станува збор за редовни и вонредни инспекциски надзори во образовните установи по разни основи, вклучително и по претставки или на барање на други институции, како Министерството за внатрешни работи, за проверка на веродостојност на издадени дипломи. 

„Во последните неколку години не се констатирани неправилности при издавањето на дипломите“, велат од Инспекторатат за ДВ, без да изнесат поконретни податоци за активностите коишто ги спровеле изминатиот период, вклучително и за проверката на случајот со „лажниот доктор“ во Вевчани.  Случајот неодамна го откри Лекарската комора на Македонија, откако го добиле списокот на лекари од Здравствениот дом под чија капа е и службата за Итна медицинска помош. Бидејќи 33-годишникот кој 6 години ги лечел пациентите, а немал дозвола, случајот бил пријавен во полиција. Во тек е истрага како тој набавил диплома и лиценца за работа.

настава
Потребна е ревизија на новоотворените факултети, но и на магистериумите и докторатите во земјата

Ревизија на дипломи 

Претседателот Стево Пендаровски неодамна го отвори прашањето околку потребата за ревизија на новоотворените факултети, но и на магистериумите и докторатите во земјата. „Прво требаше да се направи ревизија на сите факултети кои изминативе години добија дозволи за работа, а потоа и на сите дипломи, особено на магистериумите и докторатите“, го сподели своето мислење Пендаровски за ТВ Телма на 3 октомври.

Во однос на ситуацијата на образованието во државата, Пендаровски изјави дека и покрај ветувањата на власта во последните години работите воопшто и не се променети. Според него, по промената на власта во 2017 години не се направија неколку работи за да се постави образованието на колку-толку подновени, ако не на сосема нови основи. 

„Прво мораше да се направи ревизија на сите факултети и универзитети кои беа отворени изминатите години. Сите знаеме дека за тоа не постоеше кадар, не постоеја услови и немаше потреба. Со комбиња се носеа професори од Скопје по факултетите во Западна и Источна Македонија и знаеме како се добиваа дипломи. Требаше да се стават на ревизија сите дипломи, а особено магистериумите и докторатите кои тогаш беа добиени“, укажува претседателот. Тој не гледа дека има планови да се направат суштински промени. „Во 2016 години во целата држава имавме 24 правни факултети. Тоа не можат да го издржат и држави од 50 милионско население “, посочи Пендаровски.

Хиперпродукција 

Земјата се соочува со хиперпродукција на универзитети и факултети (во 2007 година имаше 5 универзитети и 44 факултети и високи школи, а во 2014 – 16 универзитети и 139 факултети и високи школи), кои што создадоа огромно производство на дипломи во сите циклуси на образованието. Состојбата од тогаш досега драстично се менува, со тоа што се отвараат факултети на секое ќоше, а младите се стимулираат да учествуваат во трката за магистратури и докторати, со цел да обезбедат подобра иднина.

Универзитет Скопје
Најголем број од студентите и годинава се запишале на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“

Па така, податоците на Заводот за статистика покажуваат дека во академската 2021/2022 година се запишале вкупно 51.510 студенти, што претставува зголемување од 1,2% во споредба со претходната академска година. Најголем број студенти (82.6 %) се запишале на државните високообразовни установи, додека 16.8 % се запишале на приватните високообразовни установи. Најголем број од студентите се запишале на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вкупно 22.189. Втор на листата по број на запишани студенти е Универзитетот во Тетово со  7.771, а трет е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со запишани 7.013 студенти.

Кај приватните високообразовни установи, најмногу студенти има Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, каде се запишани вкупно 2.211 студенти, а по него доаѓа Југоисточно-европскиот универзитет – Тетово со 1.747 студенти и Меѓународниот универзитет „Визион“ каде се запишале 884 студенти.

„Треба да се заострат критериумите за добивање акредитација за отворање универзитети. Сите мерки кои што ќе се преземат пост-фестум се неблагодарни и нема да вродат со плод ако од старт им се дозволи да работат“, вели за ДВ, професорот Веланд Рамадани од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Тој неколку години по ред е рангиран меѓу 2% највлијателни научници во светот на листата на Универзитетот на Стенфорд, според бројот на цитирања на авторски објавени трудови.

Некои универзитети бараат да се укинат и рангирањата за докторските студии, но професорот е против таквата идеја. Тој бара да не се носат политички одлуки за некои факултети кои не се добро рангирани. Намалувањето на критериумите доведува до опаѓање на квалитетот на кадрите и на високообразовните институции, дециден е Рамадани.

Дел од професорите опаѓањето на квалитетот и штанцањето на „инстант дипломи“ го лоцираат директно во отворањето на 24 универзитети, што довело до опаѓање на квалитетот. Тие побараа сведување на постоечките 135 факултети на триесетина и враќање на состојбата од пред 1991 година. 

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Битиќи: Со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра

„Добросостојбата на граѓаните е императив и тоа сме го докажале тоа, се во нашата програма …