Согласно законските измени за високото образование, од годинава повторно академската година започнува на 1 октомври. Свечено, во присуство на деканот и раководството на Техничкиот факулет Битола, како и на ректорот на УКЛО проф.д-р Сашо Коруновски, заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов и градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, се одржа првиот академски час за новите студенти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.
„На сите студенти при Унивезитетот „Св. Климент Охридски“ Битола им посакувам успешна студентска година. Нема ништо позначајно од тоа во младешките години да вградите знаење кое што ќе Ве подготви да се исправите во животот со сите предизвици и да придонесете во општествената заедница“, им порача на студентите градоначалничката Наташа Петровска.
Заменик министерот образование и наука Петар Атанасов ги поздрави студентите на Техничкиот факултет каде што ќе се образуваат идните инженери кои што треба да ја доближат земјата до современото технолошко општество.
„Ги имаме сите предуслови за примена на европските стандарди во високото образование, Битола е прекрасен град каде што Унивезитетот тоа со децении го работи. Се знае патот во високото образование, многу повеќе проекти, многу повеќе работа, но и студентите и нивната мобилност се од исклучително значење. Ќе треба да комуницираат со европскиот простор, се бара се повеќе пракса во високото образование и мислам дека имаме и ресурси и сили тоа да го постигнеме“, посочи заменик министерот Петар Атанасов.
Ректорот на УКЛО, проф. Д-р Сашо Коруновски истакна дека сегашните бруцоши го направиле вистинскиот избор со запишувањето на една од факултетските единици во состав на овој Универзитет, кој следната година слави 40 години постоење.
„Иако Универзитетот постои речиси четири децении, поголемиот дел од факултетите се многу постари, како Техничкиот факултет кој постои шест децении. Ова е една од најспрестижните единици со студетски програми кои што ги сервисираат потребите не само на Република Македонија, туку и пошироко во регионот и во Европа. Бројни стручњаци имаат пофални зборови за кадрите кои како студенти излегуваат од овој факултет, но и за професорите кои овде предаваат“, рече ректорот Коруновски.
Поздравно се обрати и деканот на Техничкиот факултет, проф. Д-р Стојанче Нусев
„Оваа година на Техничкиот факултет се запиша 141 студент на шесте акредитирани студиски програми. Овој факултет е извор на стручни кадри кои се вклучуваат во производните процеси и на домашниот и на надворешниот пазар на труд. Овој факултет е значаен и за развојот на економијата во целина. Инженерскиот кадар е носечка развојна сила во секоја држава.“, рече Нусев.
На свечениот академски час му беше доделена благодарница на директорот на АД ЕЛЕМ Подружните „РЕК Битола“, Васко Ковачевски, за доделените 15 стипендии за студентите на Техничкиот факултет, како и за поддршката која овој комбинат им ја дава на веќе дипломираните студенти, преку вработување на инженерскиот кадар.