Сите делчевски првачиња кои се запишани во двете основни училишта во Делчево во учебната 2022/23 ќе добијат по 3.000 денари, еднократна поддршка од Општината. Средствата се предвидени во општинскиот Буџет и се во рамките на мерката на Општина Делчево предвидена во Програмата за социјална заштита која значи поддршка на родителите за да го подговат своето дете кое го започнува школувањето, но и мотивација на родителите да ги запишуваат своите деца во делчевските училишта.
Постапката за доделување парична помош за прваче се поведува со поднесување писмено барање до Архивата на Општина Делчево, како и потпишана изјава за користење на неговите лични податоци во постапката за остварување и користење на правото на парична помош, документи кои можат да се симнат од веб-страницата на Општина Делчево. Исто така, потребна е и важечка лична карта на еден од родителите; Извод од матичната книга на родените за детето; Потврда за запишан ученик во прво одделение заверена од основното училиште;трансакциска сметка на барателот.
Барањето за остварување на правото на парична помош за прваче се поднесува во рок од три месеци од почетокот на школската година.
Инаку, во двете основни училишта во Делчево во учебната 2022/23 година се запишани 107 првачиња. Во ООУ „Ванчо Прке“ се запишани 45 првачиња од нив во централното училиште во Делчево се запишани 44 првачиња, а во Подрачното училиште во с. Ѕвегор, едно прваче. Во ООУ „Св. Климент Охридски“ се запишани вкупно 62 првачиња од кои 55 се во централното училиште во Делчево, едно прваче во с. Разловци, три во Тработивиште, две во с. Град, едно во с. Стамер.