Првиот круг беше мирен и транспарентен, велат меѓународните набљудувачи

Првиот круг беше мирен и транспарентен, велат меѓународните набљудувачи

Претседателските избори во Северна Македонија се добро спроведени, но на законската рамка сѐ уште ѝ треба подобрување, велат меѓународните набљудувачи, кои вчера ги презентираа првичните наоди.

– Фундаменталните слободи на собир и изразување беа почитувани и денот на изборите беше мирен, уреден и транспарентен. Меѓутоа, сѐ уште има голема потреба од широка изборна реформа – порачаа тие.

Според Серин Моборн, специјална координаторка и предводничка на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ, „овие мирни, генерално добро организирани избори, покажаа дека може да се изнајде политичка волја за одржување демократски избори“. Таа вели дека по изборите мора да се вложи „вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно да се решат долгорочните предизвици“.

Меѓународните набљудувачи како проблем го гледаат исклучувањето на околу 11.000 гласачи поради тоа што им биле истечени личните документи.

„Иако беше забележана зголемена точност на избирачкиот список, треба да се посвети внимание на недоследностите помеѓу државните бази на податоци и различните формати на податоците“, велат тие.

Според Мари-Кристин Дало, шефица на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), зрелата демократија би донела повеќе гласачи на изборите, бидејќи на првиот круг на претседателските, излезеноста беше мала.

– Делегацијата жали што излезноста беше мала за претседателски избори. Зрело функционирање на политичкиот систем и реформа на изборната легислатива повторно ќе ги заинтересира граѓаните и ќе обезбеди нивно активно учество во изборот на шефот на државата. Парламентарното собрание на Советот на Европа и Венецијанската комисија се подготвени да им помогнат на властите на Северна Македонија во спроведувањето на реформите – рече таа.

Кампањата се одвиваше во мирна атмосфера, во која сите учесници можеа слободно да водат кампања, со почитување на основните слободи. Државните претставници внимаваа да ја задржат јасната одвоеност меѓу службените и политичките активности и да избегнуваат користење на државните ресурси во кампањата, се вели во заклучоците на набљудувачите од меѓународните организации.

– Ни беше драго да видиме кампања во која се расправаше за суштински проблеми, со кандидати кои се вклучуваа во дебати за нивните визии за иднината на Северна Македонија. Сите тројца кандидати јасно се залагаа за понатамошна европска интеграција. Која иднина и да ја изберат луѓето овде, демократските избори ќе бидат суштински. Јасната внимателност на државните претставници да не ги мешаат политичките и службените активности е значен напредок, кој помага во изедначувањето на полето за натпревар меѓу кандидатите – рече Рајнхолд Лопатка, шеф на парламентарната делегација на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ).

Според набљудувачите, изборната администрација ја спровела својата работа професионално и ја уживала довербата од повеќето засегнати страни. Сепак, велат тие, транспарентноста и ефикасноста на ДИК била отежната од технички неисправности на нивните информациски и комуникациски системи, што предизвикуваа сомнеж за безбедноста на информациската технологија.

Мониторингот на медиумите од страна на ОДИХР утврдил дека, во целина, медиумите непристрасно известувале и презентирале разновидни информации за кандидатите и политичките партии  и им помогнале на граѓаните да се информираат пред да го направат изборот. И јавните и другите радиодифузери опсежно ја покривале кампањата, главно неутрално, додека на онлајн и печатените медиуми понекогаш им недостигал баланс во известувањето.

И понатаму има забелеш и за законската рамка. Иако законот дозволува демократски услови, изборниот законик не е скроен за потребите на претседателската трка.

– Се надевам дека и националните власти и политичките партии ќе продолжат да работат во овој дух. Изборните реформи кои ОДИХР претходно ги препорачуваше треба да се завршат, со акцент на транспарентноста и отчетноста за финансирањето на кампањите – рече Корин Јонкер, шефица на набљудувачката мисија на изборите на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски инситуции и човекови права

Меѓународната мисија за набљудување на изборите беше составен од 240 набљудувачи од 38 земји, меѓу кои и 189 долгорочни и краткорочни набљудувачи ангажирани од ОДИХР, 39 парламентарци и персонал од ПС на ОБСЕ и 12 од ПССЕ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …