Првиот пациент со трансплантиран црн дроб од починат донор заминува дома

Првиот пациент со трансплантиран црн дроб од починат донор заминува дома

По три недели поминати во болница, пациентот на кој му беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор, денеска заминува од Клиниката за Дигестивна хирургија во добра состојба, со здрав орган и со шанса за нов живот, информираат од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.

„Среќен сум што сум денес овде со вас и со моите колеги со кои ја направивме првата трансплантација на црн дроб во земјава и еве по три недели го испративме пациентот дома во добра здравствена состојба со функционален орган и со шанса да има нормален и квалитетен живот. Морам да признаам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и  во македонското здравство“, изјави проф-дор Зоран Караџов, директор на Клиниката за Дигестивна хирургија.

Тој рече оти е горд на неговиот тим лекари и медицински сестри, како и на соработката која ја имале со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со Националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство.

„На крајот сакам јавно да се заблагодарам на семејството на донорот. Без нивната хуманост немаше да имаме здрав пациент кој денес заминува дома и да го направиме овој успех во здравството“, вели проф. д-р Зоран Караџов, директор на Клиниката за Дигестивна хирургија.

Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември годинава, кога семејството на жена кај која беше дијагностицирана и потврдена мозочна смрт даде согласност да се донираат органите и притоа да се спасат неколку животи. Покрај црн дроб, се трансплантираа и два бубрега.

„Пациентот кој го прими органот е 60-годишен пациент со напредната болест на црниот дроб за кој практично не постоеше друг начин да му се спаси животот. Денес истиот тој пациент заминува дома со нов орган и нова шанса за живот и тоа е убавината на трансплантацијата и на органодонорството. За мене како хирург и за моите колеги, беше предизвик да се започне оваа приказна“, изјави проф. д-р Светозар Антовиќ, кој е дел од тимот кој ја направи првата трансплантација и воедно шеф на катедрата по хирургија при УКИМ.

Инаку, во тимот кој ја направи првата трансплантација, покрај проф. д-р Зоран Караџов и проф. д-р Светозар Антовиќ, учествуваа и науч. сор. д-р Љубомир Огњеновиќ, асс. д-р Ќемаљ Рушити од Клиниката за дигестивна хирургија, како и нивните колеги лекари, клиничкиот фармацевт и медицинските сестри. Тимот анестезиолози од КАРИЛ, кои го водеа реципиентот, предводени од прим. д-р Татјана Спировска. Потоа екипите од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од проф. д-р Бети Тодоровска, науч. сор. д-р Елена Цуракова Ристевска, кои го подготвија донорот.

Во трансплантацијата учествуваа другите екипи од Клиниката за урологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за трансфузиологија, и секако, болничките координатори, кои го процесираат пациентот во мозочна смрт, предводени од доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Билјана Андоновска, како и медицинските сестри, инструментарки, вработените во лабораториите и сите други вклучени.

Ова е шеста трансплантација од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и административен персонал, резултираше годинава, да се трансплантираат 10 бубрега од починат донор, 2 срца кај тешки пациенти и да се извршат 10 инплантации на коскени ткива.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

САД загрижени за предлог закон за странски агенти во Црна Гора

САД загрижени за предлог закон за странски агенти во Црна Гора

Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени за можните последици што предложениот закон за странски агенти …