Првите 22 милиони евра од кинескиот кредит за автопатите треба да се платат во јули

Првите 22 милиони евра од кинескиот кредит за автопатите треба да се платат во јули

Кредитот од кинеската Ексим банка е со каматна стапка од 2 процентни поени, што е и до 20 пати повеќе во споредба со каматите од заемите што земјава ги подига преку Светската банка и Европската банка за обнова и развој.

Кинеската Ексим банка во јули ќе ја испорача за плаќање првата рата во висина од 22 милиони долари од кредитот за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

И двата автопати доцнеа со рокот за изведба како последица на нерешената експропријација на земјиштето и пропустите во проектната документација. Автопатот Миладиновци – Штип беше пуштен во употреба пред неколку дена, додека оној меѓу Кичево и Охрид се планира да биде готов до 30 јуни 2021 година. Неговото пре-проектирање кај сите оние сегменти на автопатот што биле заборавени или проблематични треба допрва да се прави, за што е распишан тендер.

И покрај слабостите што претходните државни раководства ги оставиле зад себе, обврските од кинескиот кредит не можат да се одложат.

– Сето она што го имаме заштедено, во јули ќе отиде за плаќање на ратата – посочува за „Мета“ директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Тој нагласува дека кинеските кредити ќе ги плаќа ова јавно претпријатие, и тоа од парите што ги добиваат од граѓаните за патарини, за патна такса при регистрација на возилата, како и од акцизата за нафтените горива.

Кај автопатот Миладиновци – Штип се заштедени средства, бидејќи финалната цена на овој автопат е 177 милиони евра. Кога претходната влада го потпишуваше договорот за кредитно задолжување, предвидуваше за неговото завршување да се издвојат 206 милиони евра. Но, затоа пак поскапе автопатот Кичево – Охрид, каде првичната вредност од 411 милиони се зголеми на 598 милиони евра поради потребата од изградба на нови клучки и пристапни патишта за населените места околу патот и поради проблемот со тунелот „Пресека“. Поскапувањето можеше да биде поголемо за дополнителни 95 милиони евра, но ваквата ситуација беше избегната по преговорите со кинеската компанија „Синохидро“ за намалување на цените за предвидените градежни активности.

Кредитот од кинеската Ексим банка е со каматна стапка од 2 процентни поени, што е и до 20 пати повеќе во споредба со каматите од заемите што земјава ги подига преку Светската банка и Европската банка за обнова и развој.

Рокот за отплата на кредитот за автопатите е 20 години, со 5 години грејс период.

90 отсто од вредноста на двата автопати се финансира преку кинескиот кредит, додека останатите средства се обезбедени од државниот буџет.

Двата закони за реализација на инфраструктурните проекти беа изгласани од Собранието на РСМ во октомври 2013 година, додека изградбата на автопатите започна на почетокот од 2014 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …