Псссст… не будете ги јавните обвинители!

Пишува: Зоран Милошески

Апсењето на поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, не е и не смее да биде утеха, уште помалку замена за бегството на неговиот братучед Никола Груевски. Оти, како на “глава“ на злосторничкото здружување кому судот му изрече двегодишна затворска казна, тој требаше и мораше да заврши во Шутка, не во Будимпешта. Од тие причини, одговорност и санкции за сите оние кои дозволија Груевски да ја напушти државата, макар и на онаков срамен и кукавички начин, мора да има. Пред сѐ, во интерес на враќање на довербата во безбедносните институции и вербата во правдата и ветената правна држава.

Тоа што наспроти сите очекувања дека власта има “посебен“ однос со недопирливиот бате Саше, тој сепак заврши зад решетки, што неколку денови пред него во истиот правец се упатија и Јанакиески, Камчев и Божиновски, ни случајно не значи дека работата е завршена. Напротив, ова треба да биде само почеток на масовната акција со кодно име “Џандар збира“, со која треба да бидат опфатени сите ајдуци чии гласови ги изнаслушавме во “бомбите“: Јанкуловска, Протоѓер, Канческа-Милевска, Трајко Вељаноски, Милошоски, дружината од “белата палата“ и “шампитата“… Се разбира, неизоставен дел од ова друштво се и Латас и “курирската“ багра, како и бизнисмените кои здушно ја поддржуваа фашистичката идеологија на квазипатриотите со кои го делеа колачот.

Меѓутоа, ако сите погоре спомнати имиња се осомничени во предмети кои ги води Специјалното јавно обвинителство, се поставува прашањето – што прави Јавното обвинителство? Има ли државата јавен обвинител, или во меѓувреме оваа функција е укината? Што се случува со пријавите против локалните функционери, поднесени до основните јавни обвинителства? Работат нешто, спијат или “стручно“ процениле дека сѐ во Македонија функционира(ло) беспрекорно, согласно Уставот и законите… што би рекла “просветлената“ поранешна прва полицајка? Или пак можеби обвинителствата, сите топтан, се самораспуштиле?

Ниту МВР, особено пак не судовите, не се за машала кога се е прашање ажурноста и професионалноста во справувањето со криминалот и корупцијата на претходната Влада. Иако, никој не би им замерил кога би излегле со пријави, обвиненија и пресуди и против функционери од актуелната власт, доколку има било какви индиции за сторени кривични дела од нивна страна. А сѐ погласно се шушка оти и тоа како има…

Истовремено, доколку сите овие институции подзаборавиле, ќе ги потсетам дека во државава постои и еден политички субјект наречен ДУИ, кој почнувајќи од 2001 година до денес, цели 15 години е дел од извршната власт. Некој сака да нѐ убеди оти ниту еден нивни функционер, во толку време, не буричнал во медот и не се огрешил во законот? Баш ни еден? Што мајка ќе беше што ги роди толку чесни и безгрешни?

Прилепското основно јавно обвинителство и судот, пак, ќе ги потсетам дека претходниот градоначалник Марјан Ристески важи за “колекционер“ на кривични пријави, кои против него ги имаат поднесено државни институции, адвокати и физички лица и дека граѓаните на Прилеп го очекуваат почетокот на изрекувањето серија на пресуди кои ширум ќе му ја отворат вратата на „Идризово“.

И битолчани се нестрпливи да дознаат зошто половина Битола на Двојче му се обраќала со “добро утро комшија“, а граѓаните на Карпош не можат да ги добројат становите кои Стевчо Подржикоњ ги спечалил извршувајќи ја градоначалничката функција.

Исто така, преку ноќ исчезнаа интересот и приказните кои јавноста во изминатите години ги плетеше за добар дел од скопските градоначалници, идентично како и за нивните колеги од централниот и источниот дел на Македонија. Треба ли воопшто да се споменува вториот и третиот ешалон од локалната власт, директорите на јавните претпријатија и раководителите на клучните сектори во општините, чие работење редовно се поврзуваше со криминал и корупција?

Од големите очекувања засега добивме само големи разочарувања. Сепак, бидејќи надежта последна умира, останува да веруваме дека апсењето на братучедот ќе ја разбуди свеста и професионализмот кај обвинителите, дека ќе ги охрабри судиите доследно да ја применуваат законската регулатива. Која отвора широки можности за изрекување издржани пресуди против сите актуелни и поранешни функционери, сторители на кривични дела, кои досега беа заштитени како “бели мечки“.

Прочитајте повеќе

Пендаровски

Зошто пак ќе гласам за Пендаровски

Со изборот на Стево Пендаровски и коалицијата за членство во ЕУ, современиците имаат историска шанса, …