Пулексенија Јованоска, државната репрезентативка во карате, избрана за спортист на општина Прилеп за 2019 година

На синоќешниот избор на најдобрите спортисти за 2019 година, манифестација која Општина Прилеп ја организираше после пауза од 11 години, каратистката Пулексенија Јованоска беше избрана за најдобра меѓу најдобрите.

Освоеното петто место на Европското првенство за сениори во кати, беше доволно, покрај титулата спортистка на државно ниво, Пулексенија да биде избрана и за најдобар спортист на општина Прилеп за 2019 година.

„Навистина ми е драго што ја добивам наградата и што после долга пауза, Прилеп оваа година доби една ваква манифестација. Ја поздравувам иницијативата и организаторот на настанот, ви благодарам на сите. Спортот и спортистите се најголеми амбасадори за една држава, за едно општество и за еден град, затоа нив треба да ги чуваме, негуваме и да ги поддржуваме. Вечерва бев сведок на многу млади и надежни спортисти. Ви ги честитам наградите на сите и се надевам дека ќе го продолжите патот по кој што чекорите. Треба да верувате во себе, да ги повторите и надмините досегашните резултати. Ви се заблагодарувам уште еднаш“, истакна во своето обраќање најдобриот спортист на општина Прилеп за 2019 година, Пулексенија Јованоска.

Честитајќи им ги наградите на најдобрите прилепски спортисти, градоначалникот Илија Јованоски нагласи дека, после сето она што се случуваше во салата на хотелот „Кристал Палас“, после сите емоции и радоста кај присутните заради изборот на најдобрите спортисти за минатата година, нема дилема дека Општина Прилеп не погрешила кога се одлучи после 11 години да го возобнови традиционалниот избор на најдобрите прилепски спортисти.

„Целата атмосфера, позитивниот спортски дух, потврдуваат дека сме биле во право кога решивме да организираме избор на најдобрите спортисти во општина Прилеп. Оваа година тоа го направивме скромно, не бомбастично, но пристојно и достоинствено. Поттикот за сите млади спортисти кои што сте овде присутни, како и кај оние кои вечерва не се со нас, да постигнете уште подобри резултати, ќе биде поголем. Со изборот на спортист на градот ќе продолжиме и следната година. Не можам да не спомнам дека, за жал, ‘Победа’ не е она што беше. Не можам да ги заборавам ниту ‘Тутунски Комбинат’ и преполната Универзална сала. Овие два монументални спортски објекти, стадионот ‘Гоце Делчев’ и Универзалната сала последниве неколку години како и да не постојат. Како локална самоуправа и јас како градоначалник, се заложивме Градскиот стадион да се реконструира и сега веќе околу 95% од работите се завршени. Жал ми е што не е во наша надлежност и што Фудбалската федерација треба да го постави тревникот на стадионот, се надевам дека и тој пролетва ќе биде направен“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Јованоски нагласи дека ќе продолжи со своите заложби Универзалната сала да премине во надлежност на Општина Прилеп и уште еднаш ги повика прилепските стопанственици да им дадат поголема поддршка на спортистите и спортските клубови од градот.

Покрај наградите за најдобрите спортисти и спортски клубови, на доајенот на прилепското и македонското спортско новинарство, Миле Талески, му беше врачена Плакета за особен придонес во развојот на спортот.

„Вечерва сум среќен не само за себе што го добив ова признание, туку и затоа што ова раководство на градот успеа после 11 години да го врати изборот на спортист на годината, за кој ќе кажам дека сум негов ‘татко’. Како студент, во радио ‘Прилеп’ правев ранг листи на 10-те најдобри спортисти. За прв спортист на Прилеп го прогласив Алија Алиоски од с.Црнилиште, откако на шампионатот во Скопје во борење, тој го освои првото место. Кога се формира Центарот за печат и радио, почнавме да го издаваме весникот ‘Народен глас’, организирав спортска вечер, кога за најдобар спортист го прогласивме Трајче Бошкоски-Чачоро. Се заблагодарувам за ваквото внимание на сите. Го сакам овој мој град. Не можам без Маркови Кули, не можам без Саато, не можам без Прилеп. Луѓе мои, правете за Прилеп, се’ да направите за Прилеп. Прилеп е херој. Сакам Прилеп да биде што беше – најфудбалскиот град, сакам да доживеам да седнам во новиот стадион ‘Гоце Делчев’ во свечената ложа, да видам зелен тепих, полн стадион и да ме повикаат да го изведам почетниот удар, да ја шутнам топката“, рече Талески во својот емотивен говор.

Меѓу десетте најдобри спортисти на градот, од второто до десеттото место се најдоа параглајдеристот Борјан Јованоски, пингпонгарот Ѓоко Јочкоски, џудистот Давор Велкоски, Катерина Милеска од женскиот фудбалски клуб „Деспина“, џудистката Теодора Димеска, Мери Чкрипеска од Ориентациониот клуб „Златоврв“, натпреварувачката во параглајдинг Александра Уфцеска, Стефанија Перканоска од спортско качувачкиот клуб „Златоврв“ и гимнастичарката Теа Велкоска.

На синоќешниот избор, за најдобар клуб за 2019 година беше прогласен парглајдинг клубот „Делта“, најдобар тренер е Дејан Мицкоски од џудо клубот „Сеишин“, најдобра младинска екипа е ФК „Победа“, а најдобар тренер во работа со младите категории, Адријано Котевски од ракометниот клуб „Прилеп“.

Дарко Чатлески од боксерскиот клуб „Ас“ е најдобриот спортски работник за 2019 година, фудбалерот на италијанскиот „Удинезе“ и на македонската фудбалска репрезентација, Илија Нестороски е најдобриот играч кој настапува за странски клуб, најдобар спортист со инвалидност е пингпонгарот Рубинчо Ристески, а плакета за најдобар судија за 2019 година и’ беше врачена на Валентина Пурдеска.

Дипломи за постигнатите резултати во 2019 година добија десетмина млади спортисти: фудбалерот Лука Георгиески, велосипедистот Андреј Маџоски, Елеонора Кржеска од Ориентациониот клуб „Златоврв“, натпреварувачката во борење Барбара Стојкоска, џудистот Владимир Милчиноски, фудбалерката Сара Ефтинџиоска, фудбалерот Давид Јошески, каратистот Матеј Белистојаноски, гимнастичарката Сара Петрова и ракометарот Бојан Вренцоски.

Покрај градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски, наградите на најдобрите спортисти им ги врачија поранешниот фудбалер на „Победа“ и спортист на Прилеп за 1976 година, Рубин Ѓорѓиески,
Гордана Цветаноска, поранешна ракометарка на „Тутунски Комбинат“ и македонска репрезентативка, екс-репрезентативецот на македонската ракометна репрезентација Гоце Макалоски, претседателот на Џудо федерацијата Владимир Трпаноски и селекторот на македонската параглајдинг репрезентација, Миле Јованоски.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …