Пулексенија Јованоска: Учеството на Олимписките игри во Токио, е остварување на мојот животен сон

Со државната репрезентативка во карате и учесничка на Олимписките игри во Токио, Пулексенија Јованоска, разговаравме непосредно пред нејзиното заминување за Токио, каде ќе се натпреварува во дисциплината „кати“, во која место има само за 10-те најдобри каратистки во светот.

За притисокот на јавноста пред настапот на едно вакво натпреварување…

Јованоска: Со самото тоа што во Токио ќе настапат само 10-те најдобри натпреварувачки во светот во категоријата „кати“, меѓу кои сум и јас, претставува најдобар резултат на нашата земја на Олимписките игри во женска конкуренција. Тргнувам со позитивна енергија, свесна дека сум ‘зрела’ за добар резултат. Знам колкав е притисокот да се биде на Олимпијада. Тоа е сцена кон која е насочено вниманието на сите новинари, медиуми, на целата светска јавност. И во сето тоа, треба да се има фокус, концентрација, да се покаже дека си спремен, да се даде најдоброто од себе. Самодовербата мора да биде на највисоко ниво. Огромен е притисокот и затоа сакам само да уживам. Врвот во кариерата на секој спортист се Олимписките игри. Мојот сон беше учество на Олимпијада. Сонот ми се оствари и сега ми е најважно да уживам и да го доживеам, да го одживеам моментот.

За очекувањата од настапот на најголемото спортско натпреварување во светот…

Јованоска: Јасно ми е дека ќе биде повеќе од тешко да се постигне добар резултат. Бидејќи, да им се спротивставиш на јапонските натпреварувачки е исклучително тешко. Дополнително, натпреварувачката од САД е Јапонка, исто и каратиските  од Хонг-Конг и Нов Зеланд се исто така Јапонки. Но независно, сакам да го дадам најдоброто од себе, да оставам свој печат, бидејќи ова ќе биде еден од моите последни настапи во мојата кариера. Го сработив сето она кое што беше планирано и после огромниот број на тренинзи, после одличните припреми, останува да го прикажам сработеното. Во Словачка имав контролен турнир, бев најдобра, го освоив првото место и сето тоа ми дава верба дека сум во добра форма и дека во Токио ќе се прикажам во најдобро светло. Формата ја темпиравме онака како што е потребно и, иако ќе биде малку чудно без публика, свесна сум што ме очекува.

За патот до Токио…

Јованоска: На карате спортот во нашата земја, оние помоќните земји со подолга традиција во каратето, пред се’ Белорусија, потоа земјите од Балканот кои немаат свои натпреварувачи во Токио, гледаа со потценување на нас. Затоа, моето учество на Олимписките игри претставува шамар за сите нив. Меѓутоа, во изминатите 4 години откако станав олимписки стипендист, јас бев дел од тој процес, се издвоив со собирањето поени. Бев во Кина, Јапонија, Мароко. Иако сите тие настапи останаа нзабележани, со секој мој настап и учество на турнири, се искачував скалило погоре. Кога дојде моментот да се одлучи, се најдов на листата на најдобрите, бидејќи немав настап каде имав потфрлено. Едноставно, континуитетот на успеси го направи своето и учеството на Олимписките игри беше некаков логичен след на работите и круна на мојата спортска кариера.

За поранешните и идните генерации, нивните амбиции и очекувања…

Јованоска: Новите генерации не се спремни да се откажат од многу работи за да стигнат до големи резултати. Во многу примери е пресудно влијанието на родителите, кои инсистираат нивните деца по секоја цена да станат шампиони,  во спротивно ги демотивираат. Првата работа која ги интересира децата кога ќе почнат да се занимаваат со некој спорт, е како најлесно да стигнат до профит. Реално, ретко кој во нашата земја живее од спортот. Генерациите кои направиле резултат, како Кире Лазаров, Наумче Мојсоски… тие не работеле за пари, туку го оставале срцето на терен. Тоа е разликата меѓу нив и новите генерации кои не можат да разберат дека учеството на еден спортски настан како што е Олимпијадата, чувството да се биде таму, нема цена.

За новите ветрови во македонскиот спорт и за жената во спортот…

Јованоска: Мора да кажам дека Владата има многу добар систем кога е во прашање финансирањето на спортот и целосно го поддржувам таквиот начин на работа. Со ваучерскиот систем помош имаат апсолутно сите спортисти, како клубовите, така и спортистите од индивидуалните спортови. Истовремено, направени се законски измени за учеството на жената во спортот, што е од особена важност. Конкретно, нашиот Олимписки комитет стопроцентно ќе ги помага спортовите во кои застапеноста на жените е најмалку 30%, а доколку тоа не е случај, тогаш финансиската помош се намалува за 30%. Сметам дека ова е многу добра политика бидејќи, реално, жената во спортот е голема жртва. На пример, јас досега можев да имам семејство, да имам деца. Имам 28 години, целосно сум се вложила во спортот и ја плаќам цената за тоа, од причина што никој не може да ми го врати времето. Затоа треба да се цени и да се почитува учеството на жената во спортот. Институциите, клубовите и федерациите треба да научат да ја чуваат и да ја штитат жената.сега за прв пат се воведе да има и жена знаменосец. Советничката за спорт на премиерот Заев врши одлична работа, а идентично е расположението и во Агенцијата за млади и спорт, така што сето тоа се сериозни чекори кои се прават во насока на што поголемо учество на жената во спортот, но и сериозни показатели дека, генерално, спортистите како никогаш досега ја имаат помошта од државата.

Настапот на Пулексенија ќе биде утре, четврток, 5-ти август, во 3 часот наутро по македонско време, во салата „Нипон Будокан“.

Среќно, Пулексенија!

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …