Британското Министерство за одбрана објави дека рускиот претседател Владимир Путин веќе во петок би можел да објави анексија на окупираните територии на Украина, објави Гардијан. Ваквите информации доаѓаат на последниот ден од одржувањето на квази-референдумите во окупираните региони Херсон, Запорожје, Донецк и Луганск.
Путин во петок ќе се обрати пред двата дома на рускиот парламент, и тоа по објавувањето на резултатите од квази-референдумите. Тој може да го искористи обраќањето за да објави и официјално анекција на окупираните региони кон Русија.
„Постои реална можност Путин да го искористи своето обраќање за официјално да го објави пристапувањето на окупираните региони на Украина кон Руската Федерација. Референдумите кои во моментов се одржуваат на овие територии треба да завршат на 27 септември“, се наведува во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана.
Руските лидери речиси сигурно се надеваат дека секоја најава за пристапување ќе се смета за оправдување на „специјалната воена операција“ и ќе ја консолидира патриотската поддршка за конфликтот.
Доколку Русија се одлучи на анексија на окупираните региони, проценките се дека ваквата ситуација може да ја ескалира на војната во Украина, бидејќи руското раководство би можело да тврди дека се напаѓа нејзина суверена територија со западни оружја.
Во меѓувреме, на терен продолжуваат руските напади во Украина. Во најновиот напад на украинскиот град Первомајски во Харкивскиот регион загинаа најмалку четири лица, јавува Укринформ. Меѓу загинатите има и 15-годишно девојче во извршеното гранатирање на цивилни објекти.
Руските сили за само едно деноноќие истрелале 90 ракети во населеното место Никопол во Днипропетровскиот регион, додека во ракетирањето врз станбени згради на градот Краматорск во Донецкиот регион се повредени најмалку четири лица, пренесува Укринформ. Во деловите од овој регион кои не се наоѓаат под руска окупација, од ракетирањата во изминативе 24 часа загинале најмалку три лица, информираат украинските власти.
Извор: МЕТА