Работа на 40 степени: ССМ бара поголема грижа за работниците

Работа на 40 степени: ССМ бара поголема грижа за работниците

Температурите кои деновиве достигнуваат и до 40 степени Целзиусови ги засилија предупредувањата за заштита на здравјето на граѓаните. Додека надлежните институции апелираат на претпазливост поради топлотниот бран, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побара работодавците да преземат дополнителни мерки за заштита на работниците, особено на оние кои работат на отворено и се најизложени на жештините.

ССМ бара намалување на работата на отворено

ССМ бара работодавците да преземат конкретни мерки за намалување на ризиците од високите температури, особено за работниците кои своите работни задачи ги извршуваат на отворен простор.

Оттаму апелираат да се намали или целосно да се прекине работењето на отворено во најтоплиот дел од денот, како и да се обезбедат сите потребни средства за заштита на животот и здравјето на работниците.

„Потребно е да се почитуваат мерките на заштита и претпазливост за време на високи амбиентни температури, а за што веќе објави Институтот за јавно здравје. Укажуваме дека од особено значење е да се почитуваат соодветните мерки за заштита на здравјето и животот на возрасните, хронично болните и бремените работнички. Значењето на животот и здравјето на работниците во овие услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност и сите заедно треба да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните, тие се двигатели на општеството“, велат од ССМ.

Сојузот на синдикатите ги потсетува работниците дека секое прекршување на нивните права можат да го пријават кај синдикалниот претставник, претставникот за безбедност и здравје при работа, Државниот инспекторат за труд или директно во ССМ.

Температури до 40 степени

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на топла воздушна маса од југ продолжува периодот на сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури на повеќе места ќе бидат над 33 степени Целзиусови, додека во одделни региони ќе достигнат до 40 степени.

Поради ваквите услови, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита од екстремно топлото време и апелира граѓаните строго да ги почитуваат мерките за заштита од топлотен стрес.

Меѓу препораките се избегнување директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и престој во климатизирани или разладени простории. Од Институтот советуваат и почести одмори под сенка за лицата кои мора да престојуваат надвор.

Маж пие вода од шише, симболична слика за големи жештини 24.06.2019
ИЈЗ препорачува внесување доволно течности во текот на денот, пред сè вода

ИЈЗ препорачува внесување доволно течности во текот на денот, пред сè вода, избегнување алкохолни пијалoци и напитоци што содржат кофеин, како и ограничување на масната и висококалорична храна. Граѓаните се советуваат да консумираат полесни оброци и да не чекаат да почувствуваат жед за да внесат течности.

Посебно внимание треба да се посвети на ранливите групи. Според ИЈЗ, најзагрозени се лицата над 60 години,  хронично болните, бремените жени, децата, социјално ранливите категории и работниците кои работат на отворено. За овие категории се препорачува максимално ограничување на изложеноста на високи температури и редовно следење на здравствената состојба.

Од Институтот советуваат и во текот на денот да се затвораат прозорците и ролетните, а просториите да се проветруваат навечер кога температурите се пониски. Не се препорачува оставање лица во паркирани возила, бидејќи температурата во нив за кратко време може да достигне опасно високи вредности. Доколку се појават симптоми како зашеметеност, слабост, главоболка, интензивна жед, гадење или вртоглавица, потребно е лицето веднаш да се премести на постудено место, да внесе течности и, доколку е потребно, да побара медицинска помош.

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата поради зголемените ризици од пожари на отворен простор и шумски пожари. Кризната состојба стапи во сила на 1 август и ќе трае до крајот на месецот.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два …