„Работи за кои не зборуваме“ – претставата што го соголи процесот на насилство и траума

„Работи за кои не зборуваме“ – претставата што го соголи процесот на насилство и траума

Како дел од 46-то издание на меѓународниот театарски фестивал МОТ беше прикажана претставата „Работи за кои не зборуваме“ на македонската театарска режисерка Нела Витошевиќ.

Претставата подлежи на комбинација од емотивни и интимни настани кои се соочуваат со контроверзноста на суровата реалност и уште посуровото општество создадено за жртвите на секусално, родово и насилство кое се среќава на професионално ниво и преку актерска глума го пренесува она за кое не се зборува, а за кое се знае.

Формирана од вкупно пет актери, со одредена, но допадлива сценографија, сценски елементи и музички исечоци, новата пиеса на Витошевиќ е одраз на вистината што демнее околу нас, а која сите некако се обидуваме да ја загушиме или затвориме зад врата за која никој не сака да го чува клучот. Сценариото е инспирирано од вистински случки и сведочења на жртви на насилство од различни, анонимни луѓе и јавни личности. Претставта е носител на товарот што го креираат работите кои се чуваат длабоко и на кои не им е дозволено да се изречат.

„Работи за кои не зборуваме“ зборува јасно и без грутки во грлото за сите ужаси на некои луѓе (наши сограѓани, сестри, пријатели, познати и непознати) кои ги претрпеле некогаш, повеќе пати или најголемиот ужас – ги трпат постојано и секојдневно.

Претставата започнува од онаму од каде што датира денес познатото насилство врз жените. Токму од периодот кога жената била предмет на плукање и малтретирање на мажот и служела како робот кој е потребно да ги извршува сите работи во едно семесјтво и домаќинство за повторно да трпи насилство по тоа како израз на незадоволство.

За да придобие поголема конекција и сочуствителност со публиката, Нела ги наметнува уште еднаш пред очите на јавноста хорорите кои се случувале со години во драмското студио на реномираниот српски актер и режисер Мирослав Мика Алексиќ кога тој сексуално злоставувал ученички и ги терал да изведуваат „допири“ меѓу себе иако биле 50 години помлади од него.

Актерите Сара Климоска и Исмет Шабановиќ умешно го доловуваат безмилосното однесување на Мика и болното страдање на траумите на некои од жртвите. Идејата на режисерката е да ја внесе публиката во ужасите на насилството и да го развие чувството на емпатија, истовремено враќајќи ја во убавите мигови од детството кога сите се безгрижни и невини. Сцена по сцена изразите на актерите се менуваат и оддаваат смиреност кога искрено тие говорат и ги споделуваат скриените и тајни детски задоволства. Овие сцени кои се пројавуваат во текот на целата речиси двочасовна претстава служат како потсетник за невиноста, чистотата и пасијата на секој човек поединечно, јасно покажувајќи ја смислата дека никој не сака да му се случуваат ужаси.

За жал, се случува, се живее, се диши со такви лузни на душата и потсетници на телото за кои ретко кој се осмелува да зборува, а и оние што зборуваат често пати се мета на уште еден вид насилство – вербално.

„Да се претрпи насилство е едно злосторство. Да се обиде некој да проговори за тоа и притоа да биде осуден дека тоа се случило по негова вина е сосем друго“ – преку оваа реченица која ја толкува младата актерка Ивана Павлаковиќ, Витошевиќ го објаснува главното значење на името на својата претстава и го дава одговорот на тоа зошто не се зборува за работите за кои не се зборува.

Повремено се вклучени и пораки од анонимни личности кои своето име го испишуваат како бројка – една од многуте. Целта е да се истакне дека станува збор за вистински луѓе, за вистински пораки произлезени од вистински настани кои оставаат вистинска траума. Преку драматичниот израз на глума, актерката Драгана Костадиновска во еден момент ја уверува публиката пренесувајќи ја точната слика од опишаната случка во пораката, накрај потврдувајќи го тоа со зборовите:

Да ме видите нема да познаете дека сум јас. Сите би рекле дека имам среќен живот, и никој не би се осмелил да претпостави дека имам маж кој ме тепа 40 години секој ден. Јас, можам да бидам вашата сестра, приајтелка, познаничка, сосетка, било кој, но јас не можам да кажам која сум.

Насилството не секогаш може да се каже, не може да му се избега на насилникот. Не додека живееме во заспано општество кое не дејствува за помош, а кое избрзува да каже дека таа може да си помогне самата на себе. Потребно е да се разбере трауматичниот процес на кажување на работите за кои е тешко да се зборува.

Понатаму, во одлично искомбинираниот контекст на глума и кореспондација со реалноста, актерите нѐ запознаваат и со останатите форми на насилство или психичка тортура. „Зошто ќе студираш актерство? За да те гледаат сите гола на телевизија?“ Или зборовите „Вие глумиците треба да се пикнете во гаќите на режисерот за да добиете улога, а во приватниот живот бирате со кого се состанувате.“ се сликовити прикази на тоа низ што се поминува еден уметник кој сака да го работи она што умее во едно стигматизирано општество.

„Работи за кои не зборуваме“ – претставата што го соголи процесот на насилство и траума

Во работи за кои не зборуваме спаѓаат и домашните форми на вербално насилство или уште полошо моментите кога родителите се иживуваат врз децата терајќи ги да бидат она што не се или она за што не се родени. Преку инсерти од вистинити случки низ кои за жал голем број од луѓето минуваат низ животот, Витошевиќ ја буди публиката и кон тие прашања.

Колажот од немили настани поистоветени со вистината за животот на жртвите на умешен начин преку глумата на Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ проговори за работите за кои не е забрането, а сепак се одбива да се зборува. Предводени од стручноста на драматургот Викторија Рангелова-Петровска со музика од музичарот Крсте Роџевски по избор на режизерката Нела Витошевиќ, сценографија креирана од Васил Христов и костими дизајнирани од Роза Трајческа-Ристовска претставата е успешен резултат на посветен труд и макотрпна работа што го препозна публиката оддавајќи толку долг аплауз што екипата се врати на сцена три пати.

Од премиерното издание што се одржа на 16 октомври, досега беше прикажана неколку пати на малата сцена во МНТ, а она што следи е едно месечната блаканско-европска турнеја со неколку гостувања на сцените во и надвор од Македонија. Следните емитувања во Македонија се предвидени да бидат во Битола и во Штип.

Претставта е во продукција на „Wonderland Theatre“ и во ко-продукција со Македонскиот Народен Театар.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …