Работниците кои своите работни задачи ги извршуваат на отворено или во затворени простории со високи температури претставуваат една од најранливите категории во услови на топлотен бран, потсетуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од каде што нагласуваат дека под зголемен ризик се лицата изложени на директно сончево зрачење, висока амбиентна температура, топлинско зрачење или интензивен физички напор, при што доаѓа до значителна загуба на течности.
„Во оваа група спаѓаат, меѓу другото, градежните и комуналните работници, земјоделците, доставувачите, сообраќајната полиција, како и работниците во производствени погони, кујни, пекарници, леарници и други работни средини со високо топлинско оптоварување. Со навремено планирање на работните активности и доследна примена на превентивните мерки, работодавачите и работниците можат значително да го намалат ризикот од заболувања и повреди поврзани со изложеноста на високи температури“, пишува во соопштението од ИЈЗ.
Во наведените препораки за работодавачите, наведено е дека тие мора да обезбедат соодветни услови за работа преку редовно одржување на системите за вентилација и климатизација, засенчување на работните простории каде што е можно, мерење на амбиентната температура и намалување на изложеноста на директни извори на топлина.
„Тие треба да обезбедат климатизирана просторија или друг соодветен простор за разладување на вработените за време на паузите. Работните задачи што бараат поголем физички напор, кога тоа е можно, да се извршуваат во раните утрински или подоцните попладневни часови. Во периодот од 11 до 17 часот, кога топлинското оптоварување е најголемо, да се прилагоди организацијата на работниот процес преку почести паузи, обезбедување услови за разладување, ротација на работниците и работните задачи, организација на работа во смени и, кога тоа го дозволува работниот процес, примена на флексибилно работно време, работа од далечина, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време, како и, кога е можно, избегнување на работа на отворено. Треба и да го намалат интензитетот на физичкиот напор кога е тоа возможно и да избегнуваат непотребна прекувремена работа“, пишува во препораките.
Посебно внимание треба да посветат на ранливите категории вработени (лица со хронични заболувања, постари работници, бремени жени, лица со прекумерна телесна тежина и др.) и, доколку е можно, да ги прераспределат на работни места со помала изложеност на топлина.
„Треба да обезбедат соодветна лична заштитна опрема и можност за нејзино безбедно отстранување за време на паузите, како и да обезбедат почести паузи, доволни количини вода за пиење и, по потреба, електролити“, се додава во препораките.
За вработените, при патување до и од работното место, треба да се преземат мерки за намалување на изложеноста на високи температури, како користење засенчени маршрути, носење вода и избегнување непотребен престој на директно сонце.
„Да внесуваат доволно течности (најмалку 2 литри вода дневно, а повеќе при засилено потење), да избегнуваат алкохол и прекумерен внес на кофеин и, по потреба, да користат електролити. Да носат лесна, светла и памучна облека, капа, очила за сонце и крем со заштитен фактор при работа на отворено. Да ги користат обезбедените паузи за престој во сенка или климатизиран простор и редовно да се разладуваат. Да ги препознаваат раните симптоми на топлинска исцрпеност и топлотен удар (вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, прекумерно потење или прекин на потењето, конфузија) и веднаш да го известат одговорното лице“, советува ИЈЗ.
Во однос на прва помош, при сомневање за топлотен удар, треба веднаш да се повика 194 или 112.
„Лицето треба да се префрли во ладен или климатизиран простор, да се постави во лежечка положба, да се разладува со ладни облоги и вода и да се почека пристигнување на медицинска помош. Доколку лицето е без свест, треба да се постави во странична положба. Институтот за јавно здравје апелира работодавачите и работниците доследно да ги применуваат овие препораки, особено за време на актуелниот топлотен бран и во деновите со екстремно високи температури, со цел да се заштити здравјето на вработените и да се спречат несаканите последици од изложеност на топлина“, пишува во соопштението н ИЈЗ.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место