парно радијатор грејна сезона

Радијаторите ќе се стоплат од утре – ЕСМ доби лиценци

Во првите денови од пуштањето на топлината се очекуваат одредени проблеми, коишто, според надлежните се вообичаени. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски ги повика граѓаните да покажат трпение.

На еден ден пред почетокот на грејната сезона, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) им издаде три лиценци за ЕСМ за регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на Град Скопје. Со тоа практично ЕСМ преку своите три фирми, коишто беа формирани неодамна, ќе биде одговорно за потрошувачите кои досега добиваа парно во Скопје од страна на Балкан енерџи груп (БЕГ), на која што на крајот на јуни ѝ беа одземени лиценците за работа. Станува збор за околу 60.000 потрошувачи. За еден мал дел остануваат одговорни Скопје Север, како и досега.

Лиценцата за производство е издадена до 30 април 2023 година, лиценцата за дистрибуција е издадена на период од 35 години и лиценцата за снабдување со енергија е издадена на максималниот рок од 10 години.

„Со издавањето на овие лиценци се исполните сите предуслови за отпочнување на грејната сезона во Градот Скопје која ќе започне од 15 октомври. Сите критериуми кои важеа, ќе останат и понатаму. Температурата ќе остане 21 степен“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Во првите денови од пуштањето на топлината, сепак, се очекуваат одредени проблеми, коишто, според надлежните се вообичаени. „Ги повикувам граѓаните да покажат трпение. Се што треба да преземе ЕСМ ќе биде преземено со цел топлината да стигне до секој стан“, вели претседателот на РКЕ.

Претходно EСМ Снабдување со топлина преку соопштение апелираше потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона. Според нив, во моментов во околу 105 објекти (што претставува околу 3,7 отсто од вкупниот број на мерни места) сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици. Тие апелираа до потрошувачите да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Скандал: Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ избрана за член на Судски совет

Одговор на новинарско прашање на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Наместо реформи гледаме бртална партизација …