Пред нов предизвик е ракометот во Битола. Платформа за ракометна Битола до општинскиот Совет достави Ракометниот клуб „Еурофарм Работник“, во која бара да ги откупи акциите на познатиот битолски РК „Пелистер“. Советот на Општина Битола донесе заклучоци кои ќе се испратат како одговор до „Еурофарм Работник“. Во нив Советот дозволува 75% од клубот, чиј стопроцентен сопственик до сега беше Општина Битола, да му се продадат на „Еурофарм Работник“, а 25% да останат во општинска сопственост.
-Ние како Совет предлагаме сопственичката структура на двата клуба кои ќе продолжат да функционираат во Битола да биде една. Ќе опстојуваат два клуба, еден кој ќе биде европски силен и еден кој ќе биде база на млади битолски ракометари што ќе играат во него. Бараме да се игра СЕХА и Лигата на шампиони во салата во Битола. Дел од грбот, она што за нас е важно и претставува идентитет на клубот и традицијата да биде зелен на дресовите, а бојата според платформата ќе биде сино- бела, бидејќи била пријавена во Лигата на шампиони, а ние предлагаме од следната сезона клубот да има два дреса еден сино- бел и еден зелено- бел, рече Валентин Груевски, претседател на Советот.
75% од акциите на РК „Пелистер“ кои треба да ги преземе другиот тим, чинат околу 18 000 евра. Во однос на финансирањето, Општината би продолжила за дава 15 милиони денари како досега за клубот, а „Еурофарм“ ќе треба да се обезбеди најмалку 45 милиони денари. Со ова како што рече Груевски, ќе се создаде ракометен џин со вкупен буџет од 1 милион евра, кој ќе биде сериозен противник на клубовите од Балканот и Европа.
Опозицијата побара бојата на дресовите да остане зелено –бела како препознатлива за клубовите од Битола.
„Химната што се пее на сите тие натпревари кога игра ‘Пелистер’ е ‘нека знае земја цела, сакам боја зелено бела’, тоа е она што сите нас не’ обединува. Ќе бараме да биде извесна судбината на четворица тренери и преку 100 членови на младинската школа на РК ‘Пелистер’ и од друга страна штом Општината издвојува пари за финансирање, да се гарантира дека во следните 5 години натпреварите од СЕХА и Лигата на шампиони ќе се играат токму во Битола’, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Претставници на навивачката група „Чкембари“ побараа сите домашни натпревари оваа сезона да се играат во зелено-бели дресови, а од в година тоа да биде парктика и на други натпревари. Тие рекоа дека името „Еурофарм Пелистер“ ќе го прифатат во интерес на создавање јас спортски тим, иако ретка е праксата името на спонзорот да биде пред она на тимот. За нив е прифатливо заедничко сопствеништво зашто ќе се слуша и гласот на граѓаните.
„Нас ни пречи менувањето на боите на клубот.’ Еурофарм Работник’ во Лигата на шампиони ја има пријавено сино-белата боја , но секој спортски клуб има два комплети на дресови, едни се домашни, а другите гостински. Секој клуб има две варијанти на бои. Најмногу што можеме да прифатиме се два комплети на дрсови, ќе инсистираме сите домашни натпревари да се играат во зелено-бела комбинација, а од следната сезона да бидеме зелено-бели. Сино-бел ‘Еурофарм Пелистер’ ќе ги нема Чкембарите на трибини“, рече Николче Лазаровски.
Извор: АПЛА