Пораки за единство, соживот и иднина испрати државниот врв по повод 25 години од Охридскиот рамковен договор. Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи порача дека документот е дел од политичката и институционалната реалност на државата и дека денес е потребно на него да се гледа со зрелост, одговорност и почит кон различните ставови во општеството.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одлучи 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор да ја одбележи во Струга, град кој го оцени како пример за соживот и почитување на различностите. По повод јубилејот се огласи и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој оцени дека Охридскиот рамковен договор останува важен столб на државата и на нејзиниот институционален развој.
Мицкоски: Нови предизвици и нови очекувања
Премиерот Мицкоски не присуствуваше на свечената седница на Владата поради престој во Брисел. Но, преку објава на социјалните мрежи оцени дека повеќе од две децении по потпишувањето на договорот, пред државата стојат нови предизвици и нови очекувања на граѓаните, вели премиерот Мицкоски.
„Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите“, порача Мицкоски.
Според него, фокусот треба да биде ставен на функционални институции, квалитетно образование, подобро здравство, економски развој и повисок животен стандард.
„Минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме.Таа иднина мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеа како замена за резултати. Наместо тоа, потребни ни се работа, развој, ред, меѓусебна почит и силни институции“, порача Мицкоски.

Гаши: Рамковниот договор останува важен столб на државата
По повод годишнината од потпишувањето на договорот, порака упати и претседателот на Собранието Африм Гаши. Тој оцени дека Охридскиот рамковен договор бил политички и институционален одговор на кризата од 2001 година и дека четврт век подоцна останува еден од клучните столбови на државата.
„Охридскиот договор ги постави мирот, дијалогот и еднаквоста во основата на градењето одржливо општество. Нашата одговорност денес е да се надоврземе на неговите поуки и да ги преточиме во одржливи стандарди на демократијата и соживотот“, порача Гаши.
Според него, силата на државата лежи во способноста различностите да се претворат во заеднички вредности и во обврската сегашните генерации да изградат подобра и постабилна иднина за оние што доаѓаат.
Свечена седница на Владата по повод јубилејот
Во Владата се одржа свечена седница со која се одбележа 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека договорот претставувал пресвртница во еден од најтешките периоди во поновата историја на државата.
„Пред 25 години државата можеше да тргне по пат на поделби и раздор, но избра поинаков пат, пат на дијалог, соработка и меѓусебно почитување“, рече Николоски. Тој нагласи дека денес државата треба да се обединува околу развојни проекти, инфраструктура, економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали оцени дека Охридскиот рамковен договор поставил нови стандарди во политичкиот и институционалниот развој на државата.
„Охридскиот договор не треба да се гледа како затворен и завршен документ, туку како жив механизам на нашиот уставен поредок и политичка насока за секоја институција на државата“, изјави Сали.
Тој додаде дека стабилноста се гради преку дијалог, доверба и почитување на договорите, а не преку поделби.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место