Расте депонијата меѓу НП „Галичица“ и една од водоснабдителните станици

На само неколку десетици метри помеѓу границата на Националниот парк „Галичица“ и една од работните единици на јавното претпријатие кое се грижи за хигиената на градов, „Охридски Комуналец“ расте дива депонија. Грдиот момент е што таа е и во непосредна близина на една од водоснабдителните пумпни станици.

Пред неколку години улицата „Јордан Мијалков“, чијашто изградба беше дел од изборните ветувања на речиси сите политички партии, стана место каде се одлагаше само градежен шут. Но неколку години подоцна сликата е многу поинаква. Сега покрај градежен шут, тука се одлага и комунален, зелен, електронски и каков сè не друг отпад.

Од Ј.П.„Охридски Комуналец“ информираат дека овој проблем станува сè поголем од пред отприлика две години, откако е донесена одлука за забрана за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер, без да се даде соодветна алтернатива на граѓаните.

Загрижува фактот што депонијата е многу блиску до една од водоснабдителните пумпни станици, а иронијата да биде поголема, една од работните единици на, „Охридски Комуналец“ е на само десетина метри од депонијата.

Пред околу една година од истата локација градското јавно претпријатие кое се грижи за комуналната хигиена, по договор со Фондот за комунален развој при општина Охрид, подигнало речиси 150 метри кубни градежен шут, но оттогаш повторно таму се формираше депонија со шут и различен отпад.

Ј.П. „Охридски Комуналец“ инаку на граѓаните на општина Охрид, им ја нуди и услугата за преземање и транспорт на овој тип отпад со специјалните возила на претпријатието.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …