Разговараме, или само говориме?

Разговараме, или само говориме?

Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Грците се првите кои верувале дека вистината може да се открие во разговорот, тие сметаат дека убава личност и мудра мисла се раѓаат преку разговор. Разговорот е една од најзначајните духовни игри. Доколку читаме за разговорот, ќе сретнеме констатации кои утврдуваат дека денес не сме доволно свесни за значењето на разговорот. Да разговараш значи да градиш мостови, да поврзуваш спротивни брегови. Ќе прочитаме дека денес луѓето повеќе говорат, но помалку разговараат.

Кундера вика: „Ако е вистина дека sидовите имаат уши, уште поголема вистина е дека ушите имаат sидови“. Разговорот во таа смисла е рушење на невидливите, но присутни sидови меѓу соговорниците. Исто така тој дополнува, што повеќе посредници се помеѓу две личности, толку повеќе тие се оддалечени еден од друг и од себе. Секогаш кога разговараме со друг човек, си дозволуваме себеси и нему, да се отвориме за нови искуства, нови прашања и поинакво лично растење. Нема разговор онаму каде што луѓето мислат исто, оттаму разговорот во основа ја има разликата.

За вистински дијалог не е потребно да се постават никакви правила, потребен е искрен пристап меѓу личности со различни погледи на светот. Само од таа и таква духовна средба се раѓа смислата за трпеливост и вреднување на туѓиот став. Луѓето кои духовно се пораснати не секогаш апсолутно се согласуваат, но се разбираат. Бубер смета дека разговорот е можеби еден од најдлабоките човечки односи. Степенот на нашите сознанија зависи од степенот на нашата отвореност кон другите – колку сме поотворени кон заедницата, толку сме поотворени за вистината. Колку сме одделени едни од други, толку сме подалеку од вистината.

Дали ние разговараме или говориме? Колку сме спремни за разговор наместо напад/осуда? Колку сме спремни да сме искрени и отворени, без да сметаме дека е тоа “слабост”?

Пред четири години на 1.април, баба ми ме испраќа на работа и ми вика „Ајде сине, убав ден и пази, денес е 1.април, да не те излаже некој!”, после што кај мене неминовно и веднаш се појави размислата за тоа дека баба ми мисли дека се лаже само на 1.април?! Цел пат до работа, во автобус, размислував колку е полесно да веруваш, наместо да бидеш недоверлив, сомничав, зајадлив. Но при секој обид за искрен пристап или се соочуваме со неверување дека е искрен, или пак таквиот пристап е осуден како “глупаво наивен”.

Од причина што денес сме свесни дека не се лаже само на 1.април, не се обидуваме да имаме (искрен) разговор, затоа што тоа ќе нѐ доведе до “губитничка позиција”. Но, грешиме, бидејќи тој начин на заштита нѐ прави да не размислуваме за многу важни прашања во поглед на нашиот квалитет на живеење. Затворените општества се полни со табу теми, стигматизирани погледи и предрасуди. Во таквите општества не се разговара туку се говори, а говорниците најчесто треба да се следат без многу да се преиспитуваат нивните одлуки.

На една неформална школа во 2012 година, за прв пат се сретнав со терминот „делиберативна демократија“. Во нашиот јазик не постои соодветен превод, но најблиску до него е „разговорлива демократија“. Да се отвораат прашања, разговори, да се води дијалог за проблемите, прашањата, погледите, сѐ со цел да се најде најдоброто и најприфатливото решение. Разговорот носи решенија, а не проблеми. Затоа и она што ние сметаме дека е разговор, всушност е говорење без да се постигне комуникација/интеракција. Ова значи дека не го слушаме другиот за да го разбереме, туку мислиме како “попаметно” да му возвратиме. На ваков начин ние не успеваме да разговараме, туку само говориме.

Еден од основните чекори кои треба да се преземат за да може да прогресираме во однос на развој на мислата, е да учиме како да разговараме. На тој начин директно ќе се влијае врз подигнување на нивото на доверба на микро план (семејство, опкружување, работна средина), а понатаму и на ниво на институции, медиуми, активисти… И само преку дијалог на различни теми може да се намалат “цврстите” општествени, социјални и етнички поделби кои предолго се создаваа преку говори, а не разговори.

Да зборуваш ист јазик, не значи дека зборуваме македонски, албански или англиски, туку дека им даваме иста вредност на зборовите и дека зборовите на другиот, преку кои се пренесуваат мисли и емоции, ги вреднуваме соодветно. Тоа значи дека не ги отфрламе затоа што се различни, туку, преку разговор, ги разбираме како такви.

Подигнувањето на свеста за значењето на разговорот, носи промени во личните и општествените односи. Некогаш спречува лични трагедии, некогаш локални, а некогаш општествени, во целост!

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …