Разговори за Украина: Светот гледа кон Истанбул

Разговори за Украина: Светот гледа кон Истанбул

На руски, турски, германски или англиски јазик – претставници на медиумите од цел свет наредени пред камерите известуваат дека руската делегација пристигнала во Истанбул. Но, таа сѐ уште не е на местото на преговорите, а украинската делегација е исто така во Турција, но во Анкара. Повеќе од 400 километри источно.

Залудно чекање на Путин, Трамп, Зеленски

Светскиот печат пишува: Овде, во палатата Долмабахче, ќе се сретнат претставниците на Украина и Русија – да преговараат за евентуален мир во Европа. Или за евентуален прекин на огнот. Или за по повеќе од три години едноставно да водат директни разговори.

Очекувањата беа огромни, па оттука и разочарувањето беше уште поголемо кога не се појави ниту една делегација. Во очај, турски радиодифузер вечерта снима и интервјуира будистички монах додека тој удира на тапан со дрвен стап и вели сака праведен мир. Дали ќе биде можно тоа да се постигне во Истанбул, каде вчера не беше направен ниту почеток?

Разговори без предуслови?

Русија донесе „привид на делегација“ во Истанбул, изјави вчеравечер (15.05) во Анкара украинскиот претседател Володимир Зеленски. Таму чекал да види кој патува за Истанбул.

Во меѓувреме, рускиот претседателот Владимир Путин се обидува да го намали притисокот. Тој од викендот досега не ја коментираше јавно средбата во Истанбул и во никој случај, како што се вели, немало да одговори на наводните провокации од Зеленски. Рускиот наратив се повторува и на Босфорот: Русија е секогаш подготвена да преговара, Русија сака траен мир.

Она што вчера не беше кажано е дека не е важно кој преговара во Истанбул. За Русија секогаш станува збор за пошироката слика – мора да се решат причините за конфликтот. Дури и кога Русија вели дека разговорите во Истанбул треба да се одржат без предуслови, тоа за Москва значи пред сѐ едно: Русија може да бара разговори, но од руска перспектива има услови за кои не се преговара, туку тие само се поставуваат.

Русија се држи до максималните барања

Путин го повторува тоа со години, а последен пат во долгиот говор пред Министерството за надворешни работи во јуни 2024 година: Украина мора да се согласи дека нема да влезе во НАТО; Украина треба да се демилитаризира; Украина треба да ги повлече своите трупи од источните и јужните региони кои Русија моментално само делумно ги окупира, а повеќе од две години ги има внесено како руски републики во својот устав.

Сите овие предуслови ќе лебдат во денешните разговори „без предуслови“. Руската делегација доцна вечерта во Истанбул соопшти дека имале многу продуктивна средба со турското Министерство за надворешни работи и дека денеска ја чека украинската делегација од 10 часот наутро. Тие, како што се вели, се „подготвени за работа“. Во палатата Долмабахче во Истанбул, каде што удирањето на тапан на еден будистички монах веројатно нема да биде доволно за да се врати мирот во Европа.

Авторка на текстот: Зилке Дитрих, АРД

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Филипче: Младите не смеат да ги враќаат долговите од 7 милијарди направени за бизнис интерес на власта

Филипче: Младите не смеат да ги враќаат долговите од 7 милијарди направени за бизнис интерес на власта

Во обраќање пред младите социјалдемократи, претседателот на СДСМ, Венко Филипче остро реагираше и ја осуди …