Незадоволни од преместувањето на службата во несоодветни простории во ЈЗУ Здравствен дом, вработените во Итната стоматолошка служба при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп, испратија писмена реакција до директорот на прилепската болница, Министерство за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.
Во реакцијата, вработените во Итната стоматолошка служба го изразуваат своето незадоволство од несоодветните просторни, хигиенско-санитарни, технички и функционални услови за работа на Итната стоматолошка служба.
„Преместувањето беше извршено по итна постапка, без претходна консултација со вработените, без барање на нивно стручно мислење и без можност да се укаже на функционалноста и соодветноста на новиот простор за специфичните потреби на Итната стоматолошка служба. Особено загрижува фактот што просториите претходно биле наменети за чекална на рендген-дијагностика, а потоа биле пренаменети во стоматолошка амбуланта, без ние како непосредни корисници на просторот да бидеме вклучени во процесот на планирање и организација“, истакнуваат подносителите на реакцијата.
Она на коешто тие особено укажуваат, е недоволната чистота и видливите нечистотии на подните површини со наслаги и дамки меѓу подните плочки, оштетувања на ѕидните површини, непријатен мирис на влага и мувла во просториите, несоодветна организација и распоред на работниот простор што ја отежнува секојдневната работа, како и потребата од проверка на затоплувањето, водоводните инсталации и другите технички услови.
Постоечката конструкција и распоредот на опремата кои создаваат значително ограничување на работниот простор, е дополнителен проблем: стоматолошките црева висат над работната површина, навлегуваат во просторот за работа и директно го попречуваат движењето, манипулацијата и пристапот до инструментите за време на стоматолошките интервенции.
Сериозен проблем претставува и организацијата на ампуларната терапија.
„Новата локација на Итната општа служба е оддалечена околу 2 километра од Итната стоматолошка служба. Со ваквата организација пациентите се изложени на дополнително движење, губење време и отежнат пристап до потребната здравствена услуга, што е особено неповолно за пациентите со болки, ограничена подвижност или потреба од навремена терапија. Сметаме дека при организацијата на итните здравствени услуги пред сè треба да се води сметка за интересот и потребите на пациентите, а не само за административното и просторно распоредување на службите“, нагласуваат вработените од Итната стоматолошка служба.
Тие нагласуваат дека добиеното усно образложение од типот „ќе се навикнете“, „почетокот секогаш е таков“, „со тек на време ќе се среди“, не претставува соодветен одговор на конкретните недостатоци.
Од тие причини, вработените бараат да се изврши непосреден увид и вонреден инспекциски надзор во новите простории на Итната стоматолошка служба, да се утврди дали пренамената на просториите е извршена согласно законските и подзаконските прописи за вршење здравствена дејност, да се изврши проверка на хигиенско-санитарните услови, вклучително и стручно утврдување на присуство на влага и мувла, да се изврши посебна стручна техничка процена на функционалноста на стоматолошката единица како и да се преземат конкретни мерки за отстранување на сите останати утврдени недостатоци.
Вработените во Итната стоматолошка служба велат дека нивната намера не е да предизвикаат конфликт или нарушување на меѓучовечките и професионалните односи во установата, туку сакаат да работат во нормални, безбедни, хигиенски и функционални услови, со целосно почитување на професионалните стандарди и интересите на пациентите.
„Не можеме да останеме рамнодушни кон состојбата во која е доведена службата, ниту да прифатиме сериозните недостатоци да се релативизираат со ветувања дека нешто во иднина ќе се среди“, се вели, меѓу другото, во писмената реакција на вработените во Итната стоматолошка служба при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место



