Реакција на Комисијата за историски и образовни прашања за оставката на Ѓорѓиев

Реакција на Комисијата за историски и образовни прашања за оставката на Ѓорѓиев

Македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија објави реакција во врска со денешната оставка на членот на Комисијата – професорот Ванчо Ѓорѓиев, во која се наведува дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се и ќе останат непроменети.

„Не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии“, се вели во реакцијата.

Професор Ѓорѓиев денеска поднесе оставка од Комисијата наведувајќи дека одлуката ја донел раководејќи се од од професионалниот интегритет и личните принципи, а дека во последно време имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминирало на вчерашната редовна средба преку, како што посочува, директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

„При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година“, наведе меѓу другото Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев исто така нагласи дека изготвените и разменети предлог-идеи, во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, биле донесени и разменети без негова согласност“, вели Ѓорѓиев во соопштението кое го доби РСЕ.

Во реакцијата на Комисијата се наведува дека членовите се „крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение“, бидејќи, како што е соопштено, со Ѓорѓиев во изминатите три години се работело во Комисијата и биле донесени решенија за кои членовите сметаат дека се „добри“ и со кои сметаат дека „помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници“, стои во реакцијата.

„Вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието“, стои во реакцијата.

Со деманд излезе и Владата која соопшти дека во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Комисијата.

„Категорично отфрламе каква било инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или која било нејзина институција“, се вели во соопштението на Владата.

Во соопштението на Владата се додава дека професорот Ванчо Георгиев пред една недела „го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата“.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …