Реално, во 2017-та ЧЕ СИ ЛЕЖАТ

Реално, во 2017-та ЧЕ СИ ЛЕЖАТ

Пишува: адв.Жарко Стеваноски

И како што носи редот на нештата, секој од нас Новата 2017-та ја започнува со свои очекувања за личниот и колективниот прогрес. Скоро секој од нас од старата 2016-та извлече поуки за тоа како и со какви методи може да придонесе кон личниот интерес и сестраниот прогрес на заедницата во која опстојува. Секој од нас, без исклучок, во старата година сфати дека екстремната поларизација на опшеството не носи искрени и топли новогодишни очекувања за наредната и дека ниту една корумпирана и до крај криминализирана власт како оваа, не заминала без да нанесе сериозни последици по државниот систем.

​Велат дека за реализација на секоја крупна идеја потребно е да се анализираат најмалку два фактора – минатото и сегашноста, како би се пристапило кон реализација на очекувањата за иднината, односно идејата. И затоа сосема кратко ќе се задржам на опозиционото делување и стратегијата на централно ниво, како би ја локализирал темата за начинот на справување со оваа и ваквата власт до наредните локални, парламентарни, па и претседателски избори.

Факторот минато и сегашност е поучна приказна и би било добро при неговата анализа да се селектираат корисните од штетните последици во опозициското делување и, во таа насока, да се извлече заклучок за идните чекори. Факт е дека при доаѓањето на Зоран Заев на лидерската позиција во СДСМ, наследи структура која по неколку основи имаше сосема различен пристап кон начинот на делување на секоја нормална опозиција, како и тоа дека беше принуден да води тројна битка во насочување на опозицијата кон освојување на власта. Од една страна успеа да воспостави компактност во разноликоста на внатрепартиската структура – од раководни кадри па сѐ до екс-лидерски и актуелни поддржувачи на партиската стратегија на партијата и внатрепартискиот личен интерес.

Од друга страна, успешно и до максимум го ефектуира своето време во разобличување на актуелната криминогена власт и нејзиното партиско раководство преку приближување на нејзината суштина до ушите на домашната и меѓународната јавност. Преку проектот „Вистината за Македонија“ Заев имаше можност до максимум да го запознае својот политички противник, а богами и соработниците. Веројатно најважната работа во целиот тој процес беше што, како никој до сега, успеа во намерата да го обедини македонскиот народ во исполнувањето на заедничкиот интерес на граѓаните, преку вклучување на граѓанскиот сектор во борбата за искоренување на биполарната клима воспоставена од овој режим.

Таквата негова заложба резултираше со поддршка на мнозинството граѓани без оглед на нивната национална, верска и политичка определба. Добиената поддршка покажа дека ВМРО-ДПМНЕ не е партијата избрана и поддржана од мнозинството граѓани, ами дека станува збор за структура која преку злоупотреба на институциите, преку партизирање на масивната администрација и клиентелистичкиот однос кон стопанските субјекти, медиумите и граѓанскиот сектор, успеала да воспостави до сега невиден изборен инженеринг.

Конечно, реализацијата на идејата за подобра иднина на поединецот, групата и општеството воопшто, неминовно ќе ја наметне потребата од понатамошни и уште подлабоки реформи во истите оние погоре наведени позитивни промени. Кога го велам тоа пред сѐ мислам на извлекување заклучок за досегашната функционалност на внатрепартиската структура, што пак неизбежно ќе доведе до внатрепартиско преструктуирање преку промена на оние кадри кои до вчера имале можност да го покажат (и го покажале) личниот капацитет во реализација на програмските цели на партијата. „Подвлекувањето црта“ може да укаже на неопходноста од нивна замена со нови лица кои во истиот тој период, без разлика дали биле надвор од легитимните партиски органи и тела, ја искористиле можноста и го покажале личниот капацитет.

Во суштина, врз основа на анализите на минатото и сегашноста, доколку нештата за опозицијата се одвиваат во очекуваниот правец, убеден сум дека моите лични очекувања за политичката состојба во оваа 2017-та се сосема реални кога велам дека ЧЕ СИ ЛЕЖАТ!

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …