Ребаланс на буџетот – каде ќе има најголеми кратења?

Ребаланс на буџетот – каде ќе има најголеми кратења?

Владата го подготвува ребалансот на буџетот, при што фокусот останува на заштита на животниот стандард, инвестициите и стабилноста на економијата. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за МИА нагласува дека кратења ќе има, но тие нема да ги погодат клучните инвестиции и мерки за економски раст.

Од друга страна, опозицијата предупредува на сериозни проблеми во ликвидноста и слабеење на приходната страна, додека од партијата Левица деновиве оценија дека ребалансот е доказ за погрешно проектиран буџет.

Владата: Буџетот е стабилен и ликвиден

„Граѓаните треба да бидат спокојни – буџетот е ликвиден, се сервисираат сите обврски, редовно се исплаќаат платите и пензиите, како и обврските кон економијата“, истакнува Димитриеска-Кочоска.

Таа додава дека ребалансот ќе остане во рамките на среднорочната фискална стратегија.

Каде нема да има кратења?

Според министерката, нема да бидат засегнати ставките што директно влијаат врз економскиот раст како капитални инвестиции, мерки за поддршка на граѓаните и проекти со реална динамика на реализација.

Ребалансот се креира во услови на глобална економска неизвесност и геополитички ризици.

„Нашата економија не е имуна на случувањата надвор, затоа пристапот е внимателен и насочен кон стабилност, отпорност и одржлив развој“, вели министерката.

Средствата ќе се пренасочуваат кон приоритети што се реално остварливи, мерливи и со конкретен економски ефект.

Владата останува на патот на фискална консолидација, со цел намалување на буџетскиот дефицит, стабилни јавни финансии и зачувување на економскиот раст.  Целта е дефицитот да се намали на 3% од БДП до 2028 година.

„Ќе одиме со фазно спроведување, без нагли органичувања затоа што не сакаме да предизвикаме штети на економијата и да го прекинеме оној циклус на економски раст од околу 3,5 проценти кој го имаме постигнато во последната година и половина“, потенцира Димитриеска-Кочоска.

Симболична слика за ребаланс, трошоци, буџет
Многу дупки, малку пари-каков ребаланс ќе скрои власта?

Јавниот долг се намалува

Според податоците: јавниот долг изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7% од БДП и е намален за 1,5 процентни поени. Според министерката, ова укажува дека економијата расте побрзо од задолжувањето.

Во периодот 2026–2031 година, државата треба да сервисира околу 9 милијарди евра долг. Само во овој период, 500 милиони евра беа отплатени минатата година, а 700 милиони евра доспеваат оваа година

Владата, сепак, уверува дека управувањето со јавниот долг е внимателно и насочено кон развој. Според министерката, најважно е што средствата се насочуваат кон развојни проекти и поддршка на економијата. Таа нагласува дека 250 милиони евра се пласирани во економијата и ќе се вратат во буџетот, со позитивни ефекти врз растот.

Критики и стравувања: „Ни ребаланс не го спасува буџетот“

Поранешниот вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, смета дека вистинската причина за ребалансот е влошената ликвидност. „Состојбите се лоши на приходната страна поради намалена економска активност. Тоа значи помали даночни приходи и придонеси“, вели тој во изјава за Слободен печат.

Според него ќе има кратења од околу 5% кај повеќето ставки, капиталните расходи ќе бидат заштитени, а пренасочувањето средства е неопходно за редовни исплати Без овие корекции, државата би можела да се соочи со проблеми во финансирањето на тековните проекти, предупредува тој.

Деновиве реагираа и од партијата Левица реагираат дека ребалансот не е техничка корекција, туку доказ за слабости во буџетското планирање.

Според нив, над 72% од планираниот дефицит е реализиран за само четири месеци, приходите потфрлаат уште во првиот квартал и се создава јаз меѓу планираните расходи и реалната економија. „Ова е сигнал дека буџетските проекции биле нереално оптимистички или политички мотивирани“, наведуваат од Левица.

Извор: DW