Пензискиот систем во Северна Македонијае пред нов бран реформи. Владата веќе разгледува законско решение со кое на дел од граѓаните ќе им се овозможи откуп на стаж за остварување право на пензија, додека паралелно се анализираат можни измени во вториот пензиски столб, воведување мултифондови и други мерки за долгорочна стабилизација на системот.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека во владина процедура веќе се наоѓа предлог-закон со кој граѓаните што ги исполниле старосните услови за пензионирање, но им недостигаат најмногу две години стаж до законскиот минимум од 15 години, ќе можат сами да ги уплатат придонесите за тој период и да стекнат право на пензија.
Според предложеното решение, оваа можност ќе важи за лица кои имаат најмалку 13 години работен стаж и повеќе не се активни осигуреници на пазарот на трудот.
Како ќе се пресметуваат придонесите
Министерот објасни дека граѓаните ќе треба сами да ги платат придонесите за периодот што им недостига, а основицата за пресметка нема да биде целата просечна плата, туку половина од просечната плата за претходната година.
Според пресметките што ги презентираше, доколку просечната плата изнесувала 45.000 денари, придонесот од 19,9 проценти би се пресметувал на 22.500 денари, помножени со бројот на месеците што недостигаат, а најмногу за 24 месеци.
По извршената уплата, пензијата ќе се пресметува според важечката законска формула, врз основа на платите и придонесите што осигуреникот ги остварувал во текот на работниот век.
Доколку лицето било осигурено на минимална плата, пензијата ќе биде во рамки на пониските категории. Ако било осигурено на повисоки плати, и пензијата ќе биде соодветно повисока.
Вториот столб под анализа
Покрај откупот на стаж, Владата работи и на пошироки реформи на пензискиот систем.Во тек се три независни анализи што ги изработуваат Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и владина работна група составена од претставници на Министерството за социјална политика, Министерството за финансии, ПИОМ, МАПАС и други експерти.
Меѓу прашањата што се разгледуваат е и можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање, што е една од препораките на меѓународните финансиски институции. Сепак, конечна одлука сè уште нема, бидејќи анализите треба да покажат кои решенија би обезбедиле најголема одржливост на системот и најдобра заштита на правата на идните пензионери.
Мултифондови како нов модел на инвестирање
Особено внимание предизвикуваат анализите поврзани со вториот пензиски столб. Една од реформите што веќе е во владина процедура е воведувањето на т.н. мултифондови во вториот пензиски столб.
Според предлогот, осигурениците ќе можат да избираат меѓу три видови портфолија:
- растечко;
- балансирано;
- конзервативно.
Според предлогот, лицата до 45-годишна возраст ќе можат да изберат растечко или балансирано портфолио, лицата од 45 до 57 години ќе имаат избор меѓу сите три опции, додека осигурениците над 57 години ќе можат да избираат меѓу балансирано и конзервативно портфолио.
Целта е младите осигуреници да инвестираат во подинамични инструменти со поголем принос, додека лицата што се блиску до пензија да бидат заштитени од пазарни ризици преку поконзервативни вложувања.

Стравувања од нагло зголемување на старосната граница
Во услови кога се најавуваат повеќе реформи на пензискиот систем, Партијата на пензионери веќе го изнесе својот став дека е против нагло зголемување на старосната граница. Од партијата сметаат дека радикално и брзо зголемување на старосната граница би предизвикало дополнителен стрес, неизвесност и влошување на здравствената состојба кај работниците кои се пред заминување во пензија. Поради тоа, бараат кон ова прашање да се пристапи внимателно, врз основа на детални анализи и широк општествен консензус.
Според нив, доколку се утврди дека постои реална економска потреба од вакви промени, тие треба да се спроведуваат постепено и со преодни периоди, за да не бидат оштетени сегашните генерации работници.
Партијата на пензионери достави и отворено писмо до ПИОМ, во кое бара воспоставување транспарентен и временски определен механизам за пресметување и јавно објавување на усогласувањето на пензиите. Од партијата сметаат дека процентот на усогласување не треба да биде предмет на политички толкувања, туку резултат на строго дефиниран законски механизам заснован врз официјални статистички податоци.
Од опозициската СДСМ алармираат дека финансиската состојба во ПИОМ се влошува и дека дефицитот на Фондот значително пораснал. Според партијата, годишните расходи за пензии достигнуваат околу 2,4 милијарди евра, додека од придонеси се обезбедуваат приближно 1,4 милијарди евра, што остава дефицит од околу една милијарда евра кој се покрива од државниот буџет.
Тие бараат Владата да објави јасен план за стабилизација на пензискиот систем, намалување на дефицитот во ПИОМ и иднината на вториот пензиски столб.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место