РЕКОНСТРУИРАНА СПОРТСКАТА САЛА ВО ОУ „Д-Р ТРИФУН ПАНОВСКИ“ ВО БИТОЛА

РЕКОНСТРУИРАНА СПОРТСКАТА САЛА ВО ОУ „Д-Р ТРИФУН ПАНОВСКИ“ ВО БИТОЛА

Спортската сала во основното училиште „Д-р Трифун Пановски“ ја доби својата функционалност за околу 300 ученици, кои посетуваат настава во ова основно битолско училиште.

Од изградбата на салата во 1956 година, не беше изведена никаква реконструкција, а во дел од неа беа оштетените ѕидовите, насекаде имаше влага, а од подот и таваните излегуваа огромни дупки, со што практично во неа не беше можно да се изведува настава по физичко образование.

Со средства од Општина Битола, салата конечно доби нов лик, а за прв пат, покрај салата, учениците добија нови соблекувални и реновирани скали.

„Ги завршивме реконструктивните зафати во спортската сала на ОУ „Д-р Трифун Пановски“, во кои општината вложи повеќе од 1.500.000 денари. Оваа сала од 1956 година практично била оставена на забот на времето. Околу 300 ученици кои учат во ова училиште ќе имаат можност да изведуваат настава по физичко воспитување, што е на големо задоволство на целата општина, советниците, градоначалникот и локалната самоуправа. Чинам дека ова е начинот на кој што можеме да градиме здраво тело и здрав дух, пред се, со создавање на услови за тоа“, посочи Петровска.

Наставниците по физичко воспитување потенцираа дека сега и самите ученици се многу среќни затоа што во зимскиот период ќе можат да изведуваат настава во нова, реконструирана  и топла сала, а директорот на училиштето Пеце Димовски особена благодарност искажа до градоначалничката и општината, затоа што им излегле во пресрет  на решавање на овој горлив проблем за училиштето и учениците.

„Училиштето долги години имаше потреба од оваа спортска сала, бидејќи наставата се одвиваше надвор. Според програмата, дел од активностите по физичко образование се предвидени да се одвиваат во спортска сала, така што сега ќе може и тоа да го реализираат. Општината вложи во оваа спортска сала, а ние тоа ќе го вратиме со успеси, со работа и со правилно воспитување на нашите деца и на идните генерации“, истакна директорот на ОУ „Д-р Трифун Пановски“, Пеце Димовски.

Градежните активности опфатија промена на таванот, реконструкција на ѕидовите, изградб ана нови соблекувални, реконструкција на скалите и ходниците кои водат до салата. Дополнително деновиве ќе бидат поставени 11 нови рефлектори во салата, кои што ќе овозможуваат настава и тренинзи и во вечерните часови.

Градоначалничката Петровска, претседателот на Советот на Општина Битола Валентин Груевски, заедно со присутните советници од Советот на Општина Битола, рекреативно со топки за кошарка, се уверија во квалитетот на реновираната спортска сала.

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …