Рекорден број егзекуции ширум светот во последните 40 години

Рекорден број егзекуции ширум светот во последните 40 години

Бројот на егзекуции ширум светот во 2025 година го достигна највисокото ниво во последните четири децении, а за тоа главно придонесол Иран, велат од Амнести Интернешнл. Според годишниот извештај на организацијата за човекови права, познати се најмалку 2.707 случаи на погубување, што е пораст од 78% во однос на 2024 година и највисок број што Амнести го има забележано по 1981 година, кога биле регистрирани 3.191 егзекуции.

Од овие бројки е исклучена Кина, за која во Амнести сметаат дека погубила илјадници лица со што е топ егзекутор во светот. Земјата одбива да ги открие податоците во врска со бројот на погубени лица.

Амнести ваквиот пораст го припишува на влади што ја користат смртната казна за да проектираат авторитет. Од организацијата наведуваат дека таквите влади „оваа сурова казна ја поставуваат во центарот на наративите за нарушена јавна безбедност и цврста рака против криминалот, со цел да воспостават контрола, да проектираат државна моќ и да освојат политички поени“.

Клучни факти од „Извештајот за смртни казни и егзекуции во 2025 година“ на Амнести

Амнести не се потпира на еден единствен извор на податоци. Наместо тоа, собира информации од официјални извори, судски пресуди, индивидуи осудени на смрт, нивните семејства и претставници, медиумски извештаи и, како што се наведува, други организации на граѓанското општество.

•2.707 егзекуции регистрирани во 2025 година, без Кина

•2.159 егзекуции само во Иран

•54 земји кои сè уште имаат смртна казна

•2.334 нови смртни казни регистрирани во 2025 година

•25.508 лица осудени на смрт на крајот на 2025 година

•Само 17 земји де факто извршиле егзекуции во 2025 година

Како методи за погубување во 2025 година биле користени: отсекување на главата, бесење, смртоносна инјекција, стрелање и задушување со азотен гас. Податоците за смртната казна во многу земји не се објавуваат јавно.

„Оттука, за значаен број земји, бројките на Амнести Интернешнл за смртната казна се евидентираниот минимум. Целосниот број  веројатно е повисок“, соопштуваат од организацијата. Амнести можеше да потврди дека егзекуции се извршени и во Северна Кореја и Виетнам, но не располага со доволно информации за да се утврдат веродостојни минимални бројки.

Германија, Берлин 2026 | Протест про-Пахлави против иранскиот режим во близина на амбасадата на САД
Зголемувањето на егзекуциите првенствено е поврзано со зголемувањето на смртните казни во Иран

Кина, Иран и Саудиска Арабија доминираат во егзекуциите на глобално ниво

Иран е виновен за огромното мнозинство егзекуции, со најмалку 2.159 спроведени минатата година, односно околу 80% од вкупниот број во светот. Бројката е речиси двојно поголема во споредба со претходната година и е највисоко ниво на егзекуции во земјата во изминатите децении. „Иранските власти продолжуваат да ја користат смртната казна како оружје, често по исклучително грубо и нефер судење, за да сеат страв меѓу населението и да ги казнат оние што го предизвикаа, или тие сметаат дека го предизвикале естаблишментот на Исламската Република Иран“, соопштуваат од Амнести.

И Саудиска Арабија бележи значителен пораст, со најмалку 356 егзекуции, многу од нив поврзани со прекршоци поврзани со дрога.

Од глобалните податоци се исклучени илјадниците егзекуции за кои Амнести смета дека се извршени во Кина.

Смртна казна во САД

Според извештајот на Амнести, и во САД, со 47 погубени лица, е забележан најголем број на егзекуции од 2009 година до сега. Само во Флорида се извршени речиси половина од нив, наведуваат од Амнести.

Бројот на лица кои се осудени и чекаат на извршување на смртната казна, за пр пат откако Амнести започна со собирање на податоците, во САД е паднат под 2 илјади, што се должи на преиначување на казната или пак случаи на природна смрт.

Знаци на напредок во правец на аболиција

И покрај мрачните бројки, Амнести забележува знаци на напредок во правец на аболиција на смртната казна. До крајот на 2025 година, 113 земји целосно ја укинале смртната казна за сите кривични дела, во споредба со само 16 во 1977 година. Реформи што се случиле минатата година вклучуваат укинување на смртната казна за неколку кривични дела во Виетнам и законодавни иницијативи во земји како Гамбија, Либерија и Нигерија за натамошно ограничување или елиминирање на нејзината употреба.

Судовите и владите во други земји пак блокирале напори за проширување на смртната казна, па така во Киргистан Уставниот суд пресудил дека повторното воведување на смртната казна би претставувало кршење на Уставот, додека Зимбабве ги преиначи сите постоечки смртни казни.

„Само правосудни системи кои се хумани и засновани на права, може навистина да испорачаат правда… Се надевам дека наскоро ќе видиме универзално признание – одразено во законот – дека начинот за заштита на општествата не е преку егзекуции, туку преку силни институции и одговорност“, наведе високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк.

Извор: DW