Со средства од Општина Битола, РЕК Битола и Советот на родители, во ОУ „Св. Климент Охридски“ се изврши реновирање на соблекувалните во спортската сала на училиштето, а поставени се и нови рефлектори. Мора искрено да се вложува во децата, кои се нашата иднина, посочи градоначалничката Наташа Петровска.
„Сите здружено направивме неколку зафати во соблекувалните во фискултурната сала. Општина Битола се вклучи со уредување на санитарниот дел, РЕК Битола со уредување на соблекувалните, а Советот на родители со поставување врати. Дополнително РЕК Битола се вклучи со подобрување на осветлувањето во спортската сала. Сите заедно направивме еден зафат кој ги подобри условите за часовите по физичко воспитување за децата во ова училиште“, рече Петровска.
Покрај комплетно обновените соблекувални, тоалетите и поставувањето на новите врати, спортската сала доби квалитетни рефлектори. Директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски ја истакна максимата од која се водат вработените во овој комбинат, дека општествената одговорност е инвестиција, а не трошок.
„Токму затоа во рамките на нашите статутарни можности како подружница на ЕЛЕМ, гледаме колку што можеме повеќе да помагаме во образованието, здравството, културата и спортот. Со оглед дека РЕК се наоѓа во Битола ќе се залагаме во иднина тоа да бидат далеку повеќе средства и донации во однос на институциите или на поединци. Сме помагале,помагаме и ќе помагаме затоа што РЕК Битола е еден од столбовите на економијата и мислам дека можеме и повеќе да помогнеме во нашето општество. Здрава и образована нација ќе значи и здраво општество“, рече Ковачевски.
Вработените во ОУ „Св. Климент Охридски“, каде се школуваат ученици во 45 паралелки во основното образование, посочија дека секое обновување во училиштето значи и поквалитетен наставно-образовен процес.
„Со реконструкцијата на соблекувалните во фискултурната сала се обезбедија подобри услови за учениците кои на број се 956 во училиштето“, рече директорката Гордана Анастасова.
„Нашето училиште од секогаш се стремело да имаме добри услови на часовите по физичко и здравствено воспитување. Секое вложување во младите, конкретно во спортот, секако е за поздравување. Со овие нови вложувања уште повеќе ги подобривме условите за работа на учениците и мислам дека „Св. Климент Охридски“ како училиште е пример кој се надеваме дека ќе го следат и другите училишта“, истакна Предраг Созовски, наставник по физичко воспитување.
Во дел од училниците се обезбедени нови бели табли, на местото на старите зелени табли, за поквалитетно одржување на наставата.
„Во пет училници има нови бели табли по иницијатива на наставничките од Одделенскиот совет на второ одделение, но во соработка со учениците и родителите на учениците. Таблите се набавени со средства од организирање на два претприемнички настани и дел од средствата се обезбедени со помош на Совет на родители. Таблите помагаат за подобра реализација на наставата затоа што зелените беа долго време користени и доста оштетени“, рече Даниела Петковска, одделенски наставник.
Реновирањето во ОУ „Св. Климент Охридски“ е уште едно во низата на успешни реализации на обновување на запуштените образовни објекти во градот под Пелистер.