Водечки претставници на Републиканската партија реагираа со остри зборови на изборниот дебакл на меѓуизборите во САД и побараа безмилосна анализа на резултатите.
Потпретседателот Џеј Ди Венс ден по изборите се дистанцираше од војната со Иран и повика на „искрен разговор“ за тоа како понатаму. „Сите знаат зошто изгубивме“, напиша тој на платформата Х. Претседателот Доналд Трамп ја започна војната заедно со Израел, по што цените на горивата во САД значително пораснаа. Во средата (4.11) Трамп призна дека оценката на Венс е „во најголем дел точна“.
Републиканскиот гувернер на Флорида, Рон Десантис, предупреди на речиси егзистенцијални последици за неговата партија. Поразот, според него, е споредлив со удар на политички метеорит. „Ова беше отфрлање на Претседателот и на Конгресот“, изјави Десантис.
Републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, зборуваше за „масакр“ и го отвори прашањето за последиците. „2026 година не беше само син бран, туку беше син цунами“, напиша тој на Х. Проблемот, според него, овојпат не била ниската излезност, туку свесната одлука на гласачите да гласаат против републиканските кандидати.
Поглед кон следната претседателска трка
Со завршувањето на меѓуизборите започнува и подготовката за претседателските избори во 2028 година. Во таа смисла, изјавите на Венс, Десантис и Круз се сметаат за особено значајни.
На тројцата им се припишуваат амбиции да се кандидираат за претседателската функција по истекот на актуелниот мандат. Воедно се поставува прашањето дали Републиканците ќе стојат и натаму подеднакво цврсто зад својот претседател.
Самиот Трамп, кој има 80 години, по поразот изгледаше помалку заинтересиран за анализирање на причините. При неговото прво јавно појавување по изборите зборуваше главно за своите архитектонски проекти во Вашингтон, меѓу кои и за, како што рече, „најубавата балска сала во целиот свет“.
Точните размери на поразот сè уште не се познати
Републиканците на Трамп на меѓуизборите го загубија мнозинството во двата дома на Конгресот, како и бројни гувернерски функции во сојузните држави.
Гласачите често ги користат меѓуизборите за да испратат порака против политиките на актуелниот претседател. Но, овојпат Демократите остварија убедлива победа и забележаа значајни успеси и во држави во кои со децении немаа изборна победа.
Според досегашните резултати, Демократите располагаат со 54 од вкупно 100 места во Сенатот, што претставува зголемување од седум мандати. Можно е да освојат уште две места во Алјаска и Мисисипи, каде што пребројувањето на гласовите сè уште трае.
И во Претставничкиот дом многу резултати сè уште не се конечни, но веќе е обезбедено јасно демократско мнозинство. На Демократите ќе им припаднат повеќе од 240 места, додека за мнозинство се потребни 218.
Губењето на мнозинството во Конгресот ќе му го отежне владеењето на Трамп во последните две години од мандатот. Од јануари Демократите ќе имаат водечка улога во законодавниот процес.
Сенатот, исто така, мора да ги потврдува кандидатите за важни владини функции и судски позиции.
Дополнително, благодарение на успехот во Конгресот, Демократите ќе можат да покренуваат истраги против претседателот и неговата администрација.
„Ангажирајте адвокати“, предупреди демократскиот конгресмен Роберт Гарсија на платформата Х.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место